Под мотото „20 години слободни” култното музичко радио Канал 103 го прославува дваесетиот роденден.
Во сабота, на 14 мај, во соработка со Младинскиот културен центар кој целосно ќе биде во знакот на Канал 103, се случува централната прослава на овој голем јубилеј.
Во име на живата македонска музичка сцена, која и по 20 години преку ова радио успева да допре до повеќе генерации скопјани кои упорно ја живеат сопствената потрага по слободата, за Стотројка ќе настапат: Мизар, Т.Б. Трачери, Bei The Fish, String Forces, Легијата, Д` Џон и Вселенските бунтовници, Millko, Картер, Дисфилхармонија, Фонија, Девојка, Canon, Sound Pollution, A Venus Fly Trap, Распеани скопјани и Свирачиња.
Музичката програма ќе се одвива во салата „25 мај“, киното Фросина, холот, како и пред влезот на МКЦ. Токму во предворјето, во 19 часот и официјално ќе започне прославата со специјалниот музички сешн насловен „Е`н, 2, три.. 103!“, во кој ќе учествуваат петнаесетина реномирани имиња на македонската независна музичка сцена. За добра забава и танцување до раните утрински часови ќе се погрижат Роботек и диџеите на Стотројка.
Во галеријата и холот на МКЦ ќе биде поставена специјална изложба и аудио инсталација на тема „20 години слободни”. Куратор на ретроспективната изложба е Игор Тошевски, реномиран македонски уметник и член на групата „Зеро“, додека просторната инсталација е дело на младиот сценограф и уметник, Филип Јовановски. Како дел од галериската поставка ќе биде изложен и неодамна објавениот Манифест на Канал 103, со можност да биде потпишан од сите негови некогашни членови и поддржувачи на радиото.
Џебното кино во МКЦ е резервирано за прикажување на дваесетина филмови и видеа од повеќе генерации македонски автори, продуцирани во изминатите 30 години. Селекцијата курирана од Виолета Качакова, е составена од кратки ненаративни и експериментални филмови, блиски до сензибилитетот на Канал 103 . (Детална програма во атач).
Цената на влезниците е 200 денари, а истите ќе можат да се набават на касата на МКЦ.
Канал 103 – 20 години слободни
________________________________________________________________________
Канал 103 почна да зрачи на 1- ви мај 1991 година. Надвор од државните регулативи и концесии, физички сместена во Македонската Радио-Телевизија, Стотројка прерасна во културно движење на јавен медиум чија концепција е да промовира музички вредности, прогресивна уметност и слободна мисла.
Со почит,
Редакција на Музичко радио - Канал 103
Одговорен за комуникација со медиуми:
Ѓорѓи Јаневски
Контакт телефон: 077 76 81 91