Колективот „Зеро“ изложува во Њујорк
Изложбата под наслов „Paperworks“ на колективот „Зеро“ ќе биде отворена вечерва во галеријата МЦ во Њујорк. Станува збор за проект во кој „Зеро“ како предлошка ги користи многубројните фотографски материјали од подготовките за Венециското биенале, каде што учествуваа во јуни годинава.
Фотографиите се дела на Роберт Јанкулоски и на членовите на „Зеро“. Со сликарски интервенции тие ја прошируваат дефиницијата за можностите и очекувањата на фотографијата.
- „Paperworks“ е уникатен флуид помеѓу надреализмот, поп-артот и психоделијата, патување, фотоколажно исцртување, сведоштво на системот навидум на фантазијата, кој всушност пребива во реалноста. Тој процес на индивидуално сликовно аплицирање врз различни извори на слики резултира со кохерентно финале на колективна симфониска слика, која повеќе не личи на ништо од познатиот свет. Оваа изложба е дел од естетскиот багаж, дел од историски динамичното време на западниот Балкан, кое „Зеро“ го живее - велат од колективот.
На изложбата ќе учествуваат: Миодраг Десовски, Ацо Станкоски, Беди Ибрахим, Златко Трајковски, Игор Тошевски, Синиша Цветковски и Горанчо Ѓорѓиевски. Во проектот е вклучен и Стеван Шашков, кој заедно со Станкоски го изработи видеото Sri Charshi за изложбата.
Официјалното отворање на изложбата е закажано за 8 септември, Денот на независноста на Република Македонија. Изложбата ја помогна Министерството за култура.