08.02.2012 - 13:23 | Македонија
Македонскиот славистички комитет денеска на библиотеката на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и подари богат книжен фонд од околу 1.800 дела, кој ќе биде сместен, обработен и достапен за јавноста во библиотеката.
Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски на прес-конференција истакна дека по повод одржувањето на 14. Меѓународен славистички конгрес во септември 2008 година, Македонскиот славистички комитет одлучил книжниот фонд што го добил од другите светски славистички комитети да и се подари на библиотеката на МАНУ.
Предавањето на книжниот фонд го изврши академик Милан Ѓурчинов, претседател на Македонскиот славистички комитет, кој рече дека ова е признание на целокупната македонска наука, за македонскиот јазик, литература и култура воопшто.
- Се надевам дека се отвора една нова и значајна страница во можностите за запознавање со светот. Изложбата на славистичките изданија од најновиот период беше една од најважните програмски точки на Конгресот во Охрид. Првпат во историјата за последните 50 години, Македонија се појави како домакин и го организираше тоа светско собирање, истакна Ѓурчинов.
За нас беше исклучително важно, посочи тој, колку македонистиката е денес присутна во светската славистичка.
- Го добивме мандатот за тој Конгрес во моментот кога од таа криза светот, а посебно словенскиот свет започна да се опоравува. За кратко време се сфати дека не може на славистиката да се гледа низ некакви идеолошки очила, параметри, дека славистиката е една интегрална, самостојна и независна наука и секој што сака да даде придонес на таков план е добродојден, рече Ѓурчинов.
На тој начин, додаде Ѓурчинов, дојде до нов наплив на нови дела и истражувања кои сега се во библиотеката на МАНУ.