КОГА УЧЕНИЦИТЕ ПАЃААТ, СИСТЕМОТ ДОБИВА ЕДИНИЦА
...за крајот на уште една учебна година
Со години зборувам за македонското образование, за македонскиот образовен систем, за учениците и наставниците. Но, секогаш кога ќе дојде крајот на учебната година, нешто повторно ме потсетува дека, за жал, сѐ уште не сме стигнале таму каде што треба.
Разбирам дека на наставниците денес не им е лесно. Концептот на ученикот е поинаков од оној што го познававме ние. Времињата се сменети. Денешните деца растат во сосема различна средина, со поинакви влијанија, навики и начин на размислување. Затоа и образовниот систем мора да се приспособи на новото време и на новиот начин на живеење.
Не можеме да останеме заробени во старите модели и да бидеме толку строги што на крајот ученикот ќе стане жртва на системот. Основното и средното образование се задолжителни. Тоа значи дека ние, како наставници, имаме обврска да се приспособиме на реалноста во која живеат учениците, а не да очекуваме тие да се вклопат во застарени модели.
Ако во еден клас просекот е низок, не треба автоматски вината да се бара кај учениците. Тоа е и сигнал дека нешто во начинот на предавање, мотивирање или пристапување не функционира. Не секој ученик учи на ист начин. Не секој има исти способности, интереси или афинитети. Затоа добриот наставник се труди да го препознае потенцијалот кај секое дете и да најде начин да му помогне да извлече барем дел од знаењето што ќе му користи понатаму во животот.
Ние не сме само пренесувачи на информации. Ние сме водилки што ги придружуваат учениците низ тринаесетте години образование и ги подготвуваат за животот. Да, денес е потешко. Учениците имаат пократко внимание, повеќе надворешни влијанија и безброј извори на информации. Но токму затоа сме наставници. Освен што сме едукатори, ние сме и педагози, психолози и воспитувачи. За тоа сме се школувале и тоа е дел од нашата професија.
Оној што смета дека учениците се единствени виновници за своите неуспеси, а себеси се гледа како беспрекорен наставник, треба сериозно да се преиспита дали навистина му е местото во образовниот процес.
На децата треба да им помагаме. Треба да го извлечеме најдоброто и од најуспешните, и од оние што имаат потешкотии, и од оние што не се редовни на часовите. Секое дете има потенцијал и секое заслужува шанса.
Искрено, ако јас денес бев ученик, не знам колку и самиот би бил мотивиран да учам во систем со огромен број предмети, пренатрупани содржини, многу небитни информации и повеќечасовно седење во училишните клупи. Денешните генерации размислуваат поинаку. Тие живеат во свет на брзи информации, практични решенија и непосредни искуства. Нивниот ум функционира поинаку од нашиот кога сме биле деца.
Затоа не можеме постојано да ги обвинуваме нив, а да не се запрашаме што треба ние да промениме.
Учениците мора да ве почувствуваат како искрена личност. Мора да знаат дека навистина им го сакате доброто. Треба да ве доживуваат како втор родител што ги води низ периодот на созревање, самооткривање и подготовка за животот. Токму во тие години тие ги впиваат знаењата, вредностите, емоциите и примерите што ги добиваат од својата околина.
Ако не можете да го правите тоа, ако преку професијата лекувате лични фрустрации, ако сте заборавиле какви сте биле вие како ученици – во основно, во средно или на факултет – тогаш можеби е време да размислите дали ова е вистинскиот повик за вас.
Исто така, ако сметате дека вашата работа е недоволно платена, тоа е легитимно чувство, но децата не смеат да бидат жртви на нашето незадоволство. Секој човек има право на избор и одговорност кон професијата што ја избрал.
Доволно е што животните околности денес се тешки. Доволно е што образовниот систем има многу недостатоци. Затоа на овие деца им треба поддршка, емпатија, воспитување, човекољубие, развивање животни вештини и учење како да комуницираат, соработуваат и се снаоѓаат во светот што ги чека.
Знаењето ќе го стекнат. Денес постојат безброј начини да се дојде до информации. Но она што најмногу ќе го паметат е кој ги охрабрил, кој верувал во нив и кој им помогнал да станат подобри луѓе.
Ако сакаме да бидеме дел од тој процес, тогаш треба постојано да работиме и на себе. Само така ќе создадеме поинакви генерации.
Во спротивно, образованието ќе се сведе на проста размена: „Дај ми оцена, еве ти оцена.“ А децата не се бројки. Тие се личности. Тие се идните носители на општествениот, културниот и државниот живот на оваа земја.
Токму затоа нашата задача не е само да ги научиме лекциите. Нашата задача е да помогнеме да израснат луѓе.
Образованието не е фабрика за оценки, туку школа за животот.
Проблемот не се учениците, туку системот што одбива да се промени.

Во очекување на учебна 2026/27....и надежта....
фб. професор Симеон Стефковски
09.06.2026 g


























