Саемот „Книга во секој дом“ кој по 11 пат го организира организира Клубот „Матица“ во својот салон, започна денеска. Годинава на читателите им нуди книги на македонски, англиски, француски, германски, српски, хрватски и на албански јазик од домашната и светската проза, поезија, архитектура, уметност, гастрономија, историја, филозофија, право и политика, маркетинг и менаџмент, езотерија, детска литература, енциклопедии, друштвени игри и друго.
- Нашата девиза е дека културата се создава, а традицијата се негува и одржува. Така и оваа година, со нови 100 наслови и повеќе од милион книги во вкупната понуда како бројка, со просечна цена од 120 денари, решени сме да го оправдаме нашиот основен слоган „Книга во секој дом“ , велат организаторите.
Организаторот има испланирано секојдневни промоции на нови книги и средби на авторите со читателите .
- Започнуваме со Блаже Миневски, со неговиот најнов роман кој предизвика огромен интерес кај читателската публика „Црна лисиц“, потоа ќе ги претставиме најновото остварување на Дарко Марковиќ „Лична карта“ и романот „Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски - велат од Клубот.
Саемот „Книга во секој дом“ е поддржан и паралелно се одржува во поголемите градови низ Македонија, како Охрид, Струга, Куманово, Струмица, Прилеп, Битола, Кавадарци, Штип, Гевгелија, Велес...
Извор: Плусинфо