Наградата „Крсте Чачански“ за необјавена книга раскази, годинава ја доби ракописот „Смртта долетува насмевната“ на Стефан Марковски. Седми пат наградата ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.
По објавениот Конкурс што го распиша Културниот центар „Бран“ од Струга и Ревијата за книжевност „Бранувања“, жирито за доделување на наградата „Крсте Чачански“ за 2017-та година едногласно одлучи наградата да ја додели на збирката раскази „Смртта долетува насмевната“ од Стефан Марковски.
„Триесетте кратки раскази од збирката „Смртта долетува насмевната“ од Стефан Марковски преку комичност, упростеност и хетерогеност од раскажувачки стилови и фабули се исполнети со впечатливи ликови, разговори и настани со возбудливи и постојани пресврти. Тие ефектуираат една нова поетика на апсурдната реалност која со себе го носи печатот на модерноста во која авторот живее, твори и творејќи експериментира со нови книжевно-експресивни облици“ - е образложението на членовите на жирито.
Познатиот српски писател Срѓан Тешин расказите на Марковски подвлекува: Јазично и стилски одлично обликувани, а повеќето и изразито духовити, приказните на Стефан Марковски нудат и еден посебен квалитет кој ги одликува само врвните мајстори на раскажувањето: тие секогаш имаат отворен крај, кој на читателите им овозможува бескрајни интерпретативни проширувања, што ги чини интригантни и заводливи.
Досегашни добитници на наградата „Крсте Чачански“ се: Христо Петрески, Милован Стефановски, Петре Димовски, Марина Мијаковска, Добре Тодоровски и Васил Тоциновски.
Наградата на Марковски ќе му биде врачена на 7 јули во спомен-куќата на Миладиновци, во 12:00 часот во Струга во рамки на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби – 2017“.
Извор:
Zenica.mk