ОДА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Не те бирав, ама би те избрала
Меѓу сите јазици на светот
Тебе, навидум мал, а голем
јазик на исконот и на иконата
Тебе, оти си жив доказ за преминот
од митско кон поимско мислење
Серијал од диви бракови со туѓи јазици
кои во мираз ти оставиле траги и лузни
(од санскритот до латинскиот, турскиот и англискиот)
Тебе, јазол од јазици, јаз полн тајни
Тебе, сенка на сакралното, сениште на профаното
– остава на забранети јазици и гатанки
– засолниште на безобразни зборој и думи
– мрестилиште на суптилни значења
– преноќиште на клетви и благослови
– складиште на игрозборки и брзозборки
Тебе те одбрав, јазик – прајазик
Јазик – мајка и матрица
Јазик – постоење и постојбина
Јазик – битие и биднина
Во тебе ниеден одговор не е бесмислен
– И сè си има свое зошто и свое затоа
– И нема случајни глаголи и именки
во твоето скровиште, под твојот покров
Во тебе и дождот добива виша смисла
Во тебе огнот не е само огон, ни агон
Во тебе се будам за да бидам верна на битието
свесна за собитието, во чинот на суштествувањето
Во тебе епохите легнуваат како во гнездо
Душите лебдат како мистериозни глуварки
Твоја сум, и кога сум прогонета од твојот дом
И кога те дебнам во заседа, за да го најдам
правиот израз, кога мантрам и кога бајам
со мајчинска љубов
Од тебе вдахновена, живот ти вдахнувам
Премногу ти се доближив за да те изгубам
Премногу те имав за да ми се измолкнеш
како низ решето
Знаеш ти, знам и јас –
смрт му се заканува на јазикот кој молчи
Како мутав, нем и запоставен
Оставен на милост и немилост
на припростите и празнословците
на мешетарите и политичарите
на социјалните мрежи и порталите
Денес не се разликува сировото од суровото
Денес погрдното е смешно, стравичното – вообичаено
секојдневие, опасно по живот
Дојде ред да станеш, и ти, жртвено јаре
сведен на сликичка, на немушт знак
Ти, некогаш осветен, сега испоганет
Некогаш во зенитот, сега на дното
Некогаш слободен, сега заложен
Некогаш со име, сега со прекар
јазику мој, јазику на светот
никој не може да ти ја поништи
твојата волшебна моќ
твоето воскресение!
Катица Ќулавкова
фб на : umno.mk/Aleksandra Jurukovska
5ти мај 2022 лето Господово