Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година. Признанието традиционално го доделува Друштвото на писателите на Македонија уште од далечната 1975 година.
На конкурсот за наградата „Стале Попов“ во ДПМ пристигнаа осумнаесет дела од исто толку автори. Нивниот квалитет го оценуваше комисијата во состав: Милован Стефановски (член), Весна Дамчевска Илиевска (член) и Александра Јуруковска (претседател). По внимателното исчитување на книгите и по неколкуте одржани состаноци, комисијата едногласно ја донесе одлуката наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2022 година да му ја додели на романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски.
Според образложението, станува збор за слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки:
-Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста.
Романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето.
Ова е трета награда „Стале Попов“ за Венко Андоновски, кој признанието за најдобро прозно остварување според ДПМ го доби за романот „Папокот на светот“ во 2000 година и за романот „Ќерката на математичарот“ во 2013 година. Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања ќе биде на 13 февруари – Денот на Друштвото на писателите на Македонија, во 11 часот, во просториите на ДПМ.