СВЕЧЕН СОБИР ВО ДРУШТВО НА ПИСАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА
Вапцаров во 1938 година велеше Ние сме Македонци
- Треба да ја изградиме националната свест на Македонците. Светот треба да разбере дека ние сме одделна нација, одделен народ, со свои особени квалитети...
Ова е дел од рефератот на Никола Јонков Вапцаров кажан на основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во октомври 1938 година. Делови од него прочита вчера претседателот на ДПМ, Раде Силјан, по повод 100-годишнината од раѓањето на поетот Вапцаров (1909-2009).
- Тој е предвесник во поглед на организирањето на творечки план на македонската емиграција во Бугарија. Значајно поглавје за нашата литература претставува формирањето на Македонскиот литературен кружок во Софија, рече Силјан за Вапцаров, потенцирајќи ги зборовите на академик Гане Тодоровски, дека "кружокот е единствената македонска национална илегална писателска асоцијација меѓу двете светски војни, едно вонредно светло поглавје во развитокот на новата македонска литература, смело и потребно здружување на млади, напредни и претприемчиви луѓе, наполно свесни за својата висока мисија во идејното, национално-политичкото и културното осветлување и оспособување на својот вековно обесправен народ...".
Силјан кажа и дека Вапцаров отворено и недвосмислено ја искажува својата македонска припадност, дека извршил големо влијание врз подоцнежниот развој и на бугарската и на македонската литература, а говорот го приврши со уште еден цитат од рефератот: "Ние сме Македонци. И нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза".
На свечениот собир во ДПМ реч имаше и проф. д-р Лорета Георгиевска Јаковлева, директор на Институтот за македонска литература во Скопје, а стихови од Вапцаров читаше Александра Велинова.
(Де.Т.) Вечер