Рим, 24 мај 2012 (МИА) - Македонска државна и црковна делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, престојува во посета на Република Италија и Светата Столица, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Груевски претпладнево во Ватикан беше примен од поглаварот на Римокатоличката црква Бенедикт Шеснаесети кому му подари икона, јави известувачот на МИА. Во тек е средба на шефот на Владата со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчизио Бертоне.
По аудиенцијата кај Папата и средбите во Ватикан, во црквата „Свети Климент“ во Рим ќе биде одржан молебен на гробот на Свети Кирил во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Во состав на државната делегација се и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа-Милевска, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Вида и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска. Во црковната делегација се Mитрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, Митрополитот Европски Пимен и скопскиот бискуп Киро Стојанов.
Покрај чествувањето, делегацијата престојот во Рим ќе го искористи и за средба со потсекретарот во Министерството за економски развој на Италија Масимо Вари, по што ќе се одржи бизнис форум за претставување на можностите за инвестирање во Македонија, во организација на Стопанската комора од Рим.
Министерот Попоски, пак, ќе има средба со министерот за надворешни работи на Италијанската Република Џулио Терци на која се очекува да бидат разменети мислења во поглед на резултатите од завршениот НАТО Самит во Чикаго, околу фазата во која се наоѓа Македонија на патот на своето интегрирање во ЕУ, релациите на двете држави на билатерален и мултилатерален план, а се очекува да биде направен и осврт на соработката на планот на културата.
Тој синоќа во Ватикан се сретна со Доминик Мамберти, секретар за односи со државите при Светата Столица, при што беа потврдени добрите односи на Република Македонија со Светата Столица, а беа разгледани и можностите за натамошен развој.
Премиерот Груевски и владиниот економски тим вчера на бизнис форум во Милано пред осумдесет претставници на италијански компании ги претставија економските и инвестициските потенцијали во Македонија, а присуствуваа и на работна вечера со високи претставници на дваесетина италијански компании, во организација на Американската комора во Италија.
Во рамки на културната програма во чест на Свети Кирил, делегацијата предводена од премиерот Никола Груевски вечерва ќе го посети музејот „Монтемартини“, каде ќе присуствува на отворањето на изложбата „Антички теракотни фигури од Македонија“ во организација на Музеј на Македонија, како и на концертот на Ана и Игор Дурловски во пијано придружба на Александро Д‘ Агостини.
Музејот Монтемартини е втор оддел од Капитолинските музеи, најголемите и најважни градски музеи, а сместен во поранешна електрична централа, со постојана поставка која тематски се совпаѓа со изложбата која е подготвена од Музејот на Македонија.
На изложбата, која ќе биде отворена до 30 мај годинава, ќе бидат претставени околу 200 теракотни фигурини од предримскиот и римскиот период откриени на четирите археолошки локалитети „Вардарски Рид “ - Гевгелија, „Исар”- с. Марвинци - Валандово, „Стоби” - Градско и локалитетите „Дебој” и „Горна порта” во Охрид. Од темите што се застапени на изложбата најголемиот број се претстави на женски фигурини, антропоморхни и зооморфни претстави, кои се однесуваат на митолошко-религиозните верувања, како и дел од секојдневното живеење на населението.
Изложбата претставува уште еден придонес кон вреднувањето на културното наследство од античкиот период, откриено на територијата на Република Македонија и, како што истакнуваат од Министерството за култура, е вистински репрезент на духовно-религиозните вредности и историските моменти, кои имале одраз во овој дел на нашето културно наследство.
На концертот ќе бидат исполнети дела од Верди, Хендл, Росини, Моцарт, а дуото Дурловски пред италијанската публика ќе изведе и македонски дела. паг/12:07
+++
На гробот на свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим денеска се одржа молебен, со кој чиноначалствуваа митрополитот на Кичевско-дебарската епархија г. Тимотеј и митрополитот европски г. Пимен, во придружба на повеќе свештенослужители. На чествувањето присуствуваше и државна делегација предводена од премиерот Никола Груевски.
Владиката Тимотеј на вечното почивалиште на свети Кирил Солунски укажа за значењето на мисијата на сесловенските просветители и посочи на фактот дека кај многу народи се избориле за воведување на словенскиот јазик во црковното пеење.
- Свети Кириле, заштити не пред Бога и помогни ни за сите маки пред кои е исправена македонската црква, рече митрополитот Тимотеј.
Премиерот Груевски, јави известувачот на МИА, од ова свето место каде што се моштите на Кирил им го честита празникот на сесловенските просветители на сите граѓани на Република Македонија.
- Ова е голем празник за нас и затоа сме овде во Рим на гробот на Свети Кирил во чест на мисијата што е направена за големото просветителско дело. Ја продолжуваме традицијата што е воспоставена на овој ден и годинава уште еднаш, по 44.пат, имаме можност да присуствуваме на чествувањето и заедно со многу наши граѓани кои живеат во Италија да го одбележиме овој ден, рече Груевски.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 Мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.