Скопје, 27 септември 2012 год.- храм на св.вмч. Димитриј
На 27-ми август 2012 година, кога Светата Црква молитвено го прославува споменот на Воздвижение на Чесниот Крст (Крстовден, во овој прекрасен храмот на св.вмч. Димитриј, во Скопје, каде фреските и понатаму сведочат за присуството на дарот на Светиот дух, презвитер Антоние Попоски, во сослужение на протоѓаконот Димитар Белчовски и ѓаконот Зоран Велковски одслужи Божествена Литургија.На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата се направи мал водосвет и подели нафора.
По повод денешниов празник, отец Антоние произнесе пригодна беседа од преданието на светите отци, и посочи:
„Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Крстот е чувар на сета Вселена.
Крстот е убавина на Црквата,
Крстот е сила на царевите,
Крстот е поткрепа на верните,
Крстот е слава на ангелите,
Крстот е рана за демоните!
Православната Црква на овој ден одбележува два настани:
1. Чудесното пронаоѓање на Крстот од св. Елена (мајката на императорот Константин), и
2. Враќање на Крстот од персискиот плен од страна на императорот Ираклиј.
Во првите времиња не се знаело местото каде се наоѓал чесниот и животворен крст. Неговото пронаоѓање, кое се припишува царицата Елена, мајката на светиот цар Константин, се случило во 20-тите години на IV век, на чудесен начин. Барајќи го Божјиот гроб, над кој бил изграден незнабожечки храм, археолозите нашле три крста за кои верувале дека еден од нив е Христовиот, но не знаеле кој. Во моментот кога ги ваделе крстовите, поминувала поворка со мртовец, а патријархот Макариј, гледајќи можност за решавање на мистеријата, рекол да ги положат крстовтите, еден по еден, врз мртовецот. Кога го ставиле врз него третиот крст, покојникот оживеал, по што се познале дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен.
На почетокот на VII век, кога царот Хозрој го зазел Ерусалим, заедно со многу луѓе, Крстот Господов го одвел во ропство Персија, каде останал четиринаесет години. Во 628 година императорот Ираклиј го победил Хозрој и го повратил Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот, царот Ираклиј го носел Крстот на своите плеќи, но одеднаш застанал и не можел да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј видел ангел којшто му попречувал на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одел бос и понижен. Патријархот му го објавил, а царот босоног и во бедна облека го земал Крстот, го извадил на Голгота и го положи во храмот на Воскресението.
Како што видовте, на овој ден, веднаш по славословието на Утрената богослужба свечено се изнесува и воздвижува Крстот. Овој празник за нас е ден на постење и молитви, ден кога споменуваме дека Крстот е единствениот символ, достоен за наша безусловна верност, и дека нашето спасение не зависи од било какви земни победи, туку единствено од вистинската и неизбежна победа на Христовото Распетие. Кога ние го вознесуваме Крстот и се поклонуваме пред него со почит и прославување, прогласуваме дека припаѓаме на Царството што не е од овој свет, на Градот Божји.
Уметничките изобразувања на Крстот често пати го засолнуваат во нашето сознание оној крст, којшто Спасителот го носеше на Голгота. Во тие времиња крстот означувал смрт за престапникот; смрт пред која се ужаснувало човечкото сознание. Казнетиот, кому местото не му било среде луѓето, бил исфрлан надвор од градот, и неговиот пат преку сурова смрт, водел до дното на адот. Спасителот, за оние што го предале, оние што го осудиле на распнување, приковувајќи го на крстот, подбивајќи се со Него во часот на Неговото умирање, бил токму таков престапник, кој заслужувал последно исфрлање од средината на живите.
Христовото Распетие е дејство на слободната Божја љубов, тоа е дејство на волјата на Спасителот Христос Кој се предава Себеси на смрт, за другите да можат да живеат со вечниот живот, да живеат со Бога. Јуда Го предал; Петар се одрекол од Него, Ирод цинично се подигрувал со Него, Пилат од страв пред луѓето Го предал на смрт - но, конечно, Христос станал човек, живеел, страдал и умрел, бидејќи секој од нас посебно и сите ние заедно сме го изгубиле Бога со гревот, себељубието - секој од нас. Бидејќи, за секого од нас, како што рекол Спасителот, Он би го претрпел целиот ужас на гетсиманиската ноќ и целиот ужас на крстното умирање и смрт... он слободно би го положил Својот живот за вас и за мене - не колективно за нас, туку за секого од нас, бидејќи секој од нас му е толку драг, толку возљубен, што неговата цена е - целиот живот и целиот ужас и целото страдање и целата Христова смрт. Знак на сето тоа е Крстот, бидејќи, во крајна сметка, љубовта, верноста, преданоста, не се докажуваат со зборови, дури не со живот, туку со положување на својот живот; умирањето и смртта на самиот себе, за да се живее за другиот.
И ете, се поклонуваме на Крстот, кој за нас го означува сето тоа, и Божјата победа. Колку побожно треба да се прекрстуваме, да се однесуваме кон она што прекрстувањето значи за нас. Кога ние на себе го изобразуваме крстот, ние на себе го ставаме знакот пред кој се тресат сите темни сили кои еднаш се судриле со Бога - преку крстот и се победени од тој крст. Ние тоа не умееме да го почувствуваме, но темните сили терперат и бегаат од Господовите крст.
Но наедно со тоа, кога се прекрстуваме, ние како на себе да го земаме Христовиот крст; ние одлучуваме да Го следиме, а патот ни го покажал Христос: „Откажи се од себе, земи го својот крст и оди по Мене;" - вели Христос - за никој да не ти го одземе животот, самиот оддавај го секојдневно, секој час, додека да дојде времето да го предадеш еднаш засекогаш во Божјите раце. И нека целиот твој живот биде носење на тој крст - знак на победата и твојата подготвеност така да живееш и така да умираш, како што умирал Господ.“ (извадок)
Преминпортал
Лето Господово 2012