Старец Ефрем Филотејски
Човекот којшто по пат на подвижништво го умртвува своето сетило за вкус, којшто своите чувства ги лишува од сите овоземни наслади и којшто докрај стои наспроти влијанијата на властите на овој свет, ќе го прими уште овде, во овој живот, предвкусот на добрата на Царството Небесно: спокојството на помислите, мирот на срцето, слатките потоци на солзите, вознесувањето на умот, познанието на таинствата, преизобилството од љубовта, созерцувањето на Бог и совршенството, “колку што ѝ е тоа возможно на човечката природа“.
Сето тоа е можно по пат на една систематска, постојана, упорна, неотстапна борба за умствената молитва. Меѓутоа, за Бог да го чуе ова непрестајно умствено богомислие, мора да се исполнат условите на монашкиот и воопшто на христијанскиот духовен живот, кое пак, за возврат, ќе ја помогне молитвата. Што се однесува до монасите, од нив се бара непоколебливо послушание во однос на Старецот, којшто е видлива икона на Христа - Спасителот. Што се однесува до сите христијани, од нив се бара да ги устројат своите животи согласно на советите на духовните отци и да бидат покорни на каноните на Едната Света Православна Црква за да не скита поединецот по свој сопствен пат од желби и копнеења. Впрочем и Светото Писмо ни советува да бидеме внимателни.
-
Ние не можеме ништо друго освен да се присилиме себеси, освен постојано да се присилуваме. Над сè, би требало да се трудиме во молитвата и непрестајно да изговараме: “Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ Треба да ја кажуваме молитвата веднаш откога ќе се разбудиме изутрина. Потоа треба своите работи да ги вршиме со името Исусово на усните. Ако вака ја кажуваме молитвата, ќе ги одбегнеме празнословието, многузборливоста, осудувањето, гневот и роптањето и притоа секој од нас ќе тихува внатре во себе.
18/19-ти март, лето Господово 2013