ТРЕТА НЕДЕЛА ОД ПОСТОТ
Кој сака да оди
по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека врви по Мене!
(Mk.6, 34). По Господ крстоносецот не е можно да се оди без крстот. Сите оние
кои одат по Него, нужно одат со својот крст. Што е тој крст? Проблеми, тешкотии
и таги од сите видови, кои се среќаваат однадвор и одвнатре, на патот на
совесното исполнување на заповедите Господови, во животот по духот на
Неговите наредби и барања. Таквиот крст е сраснат со Христијанинот: таму каде
што е Христијанинот, таму е и тој крст, и каде го нема крстот – го нема и
христијанинот. Олеснувањата во животот во секаков вид утехи не му приличат
на вистинскиот Христијанин. Затоа што, неговата задача е да се очисти и
исправи. Тој е како болен на кој во еден момент треба да се врши операција, во
другиот преврски. Зарем тоа е можно без болка? Тој сака да се оттргне од
заробеништвото на еден силен непријател: зарем тоа е можно без борби и рани?
Тој е должен да оди против сите поредоци кои го опкружуваат: како тоа да се
направи без проблеми и теснотии? Радувај се што го чувствуваш крст на себе,
бидејќи го поседуваш знакот дека одиш по Господовиот пат на спасението, во
рајот. Истрпи малку. Зашто, наскоро ќе е крајот, а по него - венци!