Дали пеколниот оган е материјален или духовен
Јудаизмот не кажува многу за животот после смртта, освен тоа дека тој
постои, и дека начинот на којшто сега живееме ја одредува нашата крајна
состојба. Главниот поглед е тоа дека во животот што ќе настапи (на
хебрејски: Олам-Ха-Ба) Ган Едем, т.е. Едемската градина, ги очекува оние
кои достигнале состојба на духовна совршеност. Повеќето починати одат
во геената или шеолот најмногу 12 месеци пред да појдат во Ган Едем.
Геената е како духовна ковачница, кадешто душата се очистува. Исто така,
се смета и за влез или чекална за она што следи.
Постојат две гледишта за оние што се сосема злобни. Едното е дека тие,
откако ќе ја напуштат Геената, продолжуваат да ја чувствуваат казната
вечно, а другото е дека тие биваат уништени. Некои хасидички јудаистички
секти веруваат во еден вид форма на реинкарнација, во која ние минуваме
низ многу циклуси со голем број можности да бидеме очистени. Јасно,
јудаистичките погледи се доста широки и не се добро дефинирани.
Во мојата младост никогаш не ми беше кажано дека Бог е одмаздољубив и
дека треба злобните да ги прати во место како пеколот, каде тие ќе бидат
засекогаш изложени на буквален оган на најлошото мачење што може да се
замисли. Ова е изненадување за христијаните, затоа што тие често
претпоставуваат дека Бог на Јудејците е строг, поосудувачки и
поодмаздољубив од христијанскиот Бог, така што јудејскиот пеколен оган
треба да биде „пожежок“. Не верувавме дека злобните ќе поминат
неказнето, туку дека нивното страдање ќе биде ублажено од Божјата љубов и
оттаму не толку сурово, како што мислат многумина христијани.
Така што, кога првпат размислував да станам христијанин и го прочитав
преводот на Светото Писмо на Јеховините сведоци, бев привлечен од
нивното учење дека оние, кои се сосема злобни, ќе бидат уништени. Ова за
мене беше многу поразумно, отколку идејата дека Бог, Кој нé љуби, го
оддржува нивното постоење само за вечно да ги измачува, без крајна цел
или надеж за избавување. Исто така, бидејќи некои јудеи веруваат во
уништувањето на злобните, гледиштето на Јеховините сведоци изгледаше
посоодветно на она на јудаизмот.
Како што сé повеќе проучував, открив дека Јеховините сведоци се сосема
надвор од општото традиционално христијанство, кое верува во Троица. Тоа
ја намали мојата доверба во нивниот поглед на уништување на загубените,
но, од друга страна, беше тешко за мене да го прифатам конзервативниот
христијански поглед за одмаздољубивиот Бог на пеколот. Не знаев како да
го решам ова прашање подруго од она што го прават многумина христијани:
или да се гледа пеколот како место за вечна темнина наместо активно
мачеништво, или едноставно да одбијам да размислувам за тоа. Второто
беше тешко да го направам, бидејќи протестантските евангелисти, како
Били Грахам, нагласуваат дека Исус зборувал повеќе за теророт на
пеколот, отколку за славата на царството небесно. И проповедниците за
пеколот и сулфурот, кои ги слушав, никогаш не престанаа да нé
потсетуваат што прават загубените. Прашањето за пеколот стана едно од
оние значајни теолошки прашања, кои не можев да ги решам долги години,
сé додека не се сретнав со Православното Христијанство.
16-ти јули, лето Господово 2013