27.11,2013 год.

 

 

Свеченост по повод возобновувањето на манастирскиот конак во манастирот „Св. Арх. Михаил и Гаврил“ во с. Кучевиште

 

СТЕФАН, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

Слово изговорено во манастирот „Свети Архангели“ во Кучевиште, по повод свеченоста за обновениот конак, на 26.11.2013 г.

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

 
ОБНОВЕНА УБАВИНА

IMG_4073

„Ретко кој предел од Македонија е исполнет како овој: и со толку и со такви светињи, и по својата бројност, и по својата древност и по својата убавина: и во поглед на архитектурата и во поглед на сликарството... - Свети Никита над Горњани (XIV), Свети Илија (XIV) над и Свети Георгиј во Бањани (XVI), Светите Архангели над и Свети Спас во Кучевиште (XIV), Света Петка (XV) во и Света Богородица над Побожје, Свети Никола во и Свети Никола над Љубанци, Свети Никола во Љуботен (XIV), Свети Никола (XVI) во Радишани, па сè до Света Богородица над Матејче (XIV), на едната и Света Богородица над Матка на другата страна. И не случајно оваа Скопска Гора ја нарекуваат и втора Света Гора.

Природните убавини отсекогаш ги привлекувале луѓето, особено оние коишто Го барале Бога. Овој крај е карактеристичен по тоа што не само манастирите, туку и храмовите по селата се градени со исклучително чувство кон естетското и сакралното. Сето тоа говори за богатиот духовен живот и на оние коишто се оддавале на монашки подвиг, како и на населението коешто живеело во овој крај. Секоја, пак, посета на овие древни светињи е средба со духовните вредности што ни ги оставиле генерациите пред нас и секое доаѓање е прилика да се потсетиме на тоа дека само граденото и посветеното на Бога и на Неговите светии останува трајно, останува вечно.

Овој манастир, посветен на светите Архангели, веќе 7 столетија бдее со тишината што го опкружува и со шумот на водата од потокот што низ него протекува. И кога и да се биде овде, се доживува не само минатото и сегашноста, туку и иднината. Но само со таков однос кон времето минато, сегашно и идно ќе покажеме дека носиме чувство на почит кон генерациите пред и кон оние по нас.

Денешниов ден е прекрасна прилика да Му заблагодариме на Бога што го имаме ова земно светилиште на небесните сили и пак и пак да им одадеме признание на генерациите што го создавале и зачувале. Токму таа и таква грижа за ова светилиште придонесе за да го имаме и поводот што денес нè собра. – Во светото Евангелие е речено дека кој чука и ќе му се отвори, и кој оправдано бара и ќе добие. Во мајка Марија, старешинката на манастирот, имавме неуморен известувач дека секој ден е сè полоша состојбата со стариот источен конак; во неа, во мајка Марија, имавме и загрижен постојан потсетувач дека колку порано се почне со санирање на објектот, толку и подобро... И еве, се исплатеше нејзината неуморност и загриженост! Благодарение пак на разбирањето и одговорноста на д-р Елизабета Канческа-Милевска – министер за култура во Владата на РМ и на госпоѓата Ема Петрова – директор на Градскиот конзерваторски центар, со нивните соработници и помошници и, секако, најмногу благодарение на добрата волја на Н.Е. Пол Волерс – амбасадор на САД во РМ, кој од Владата во Вашингтон, преку амбасадорскиот фонд, обезбеди средства во износ од близу 100.000 американски долари, како и вредните раце на тајфата мајстори и на работниците во градежната фирма „Масон-инженеринг“ – сето тоа заедно придонесе да му го вратиме ликот на конакот, да му ги потпреме вековите и да му обезбедиме опстој и подолга иднина...

Ја користам приликава, од името на МПЦ и Скопската епархија, особено од името на мајка Марија и на сите претходни жители на манастирот, да ви заблагодарам на сите, коишто на свој начин помогнавте да се зачува делото во кое генерациите пред нас вградиле и многу вера, и многу љубов и многу надеж, и за себе и за генерациите по нив, а сè за слава на Бога и Неговите светии“. (Скопска епархија)
 


 

 ВО МАНАСТИРОТ "СВ. АРХАНГЕЛИ" ВО КУЧЕВИШТЕ


Конакот од 17 век повторно ќе чека гости



Договорот за грант од 98.900 американски долари за обнова на конакот беше потпишан во септември минатата година меѓу Амбасадата на САД и Министерството за култура на РМ


Конакот на манастирот Св. Архангели Михаил и Гаврил" во село Кучевиште (Скопска Црна Гора), е обновен и подготвен да пречекува гости. Конакот, кој е изграден во 17 век, во изминатите година дена беше конзервиран и реставриран со грант од скоро 100.000 долари обезбедени од Американскиот фонд за културна заштита.

"Манастирот сега има нов простор за пречек на посетители. Конакот е реновиран од подови до покрив, при што е запазен оригиналниот дизајн за да им се овозможи на идните посетители да се вратат назад во времето и да видат како изгледал конакот во 17 век", истакна американскиот амбасадор Пол Волерс. Тој посочи дека е големо задоволство за него што знае дека на овој начин е зачувана уникатната и извонредната историја на Македонија.

Според заменик-министерот за култура на РМ, Драган Недељковиќ, конакот е значаен примерок на традиционалната македонска архитектура.

"Возобновувањето на оваа градба која плени со својата уникатност и убавина и има непроценлива вредност е голем чекор во зачувувањето на вредно наследство, и во негова соодветна презентација пред посетителите", истакна Недељковиќ.

Интервенција е направена по барање на старешината на манастирот, Марија, која скоро 50 години живее таму.

Договорот за грант од 98.900 американски долари за обнова на конакот беше потпишан во септември минатата година меѓу Амбасадата на САД и Министерството за култура на РМ. (Д.Т.)

Низ конакот тече поток
Интересно е што во подземните одаи на обновениот конак од 17 век тече поток. Градбата се состои од приземје и кат со простран чардак. Во конакот има и фурна и огниште, а во рамките на манастирскиот комплекс има уште еден конак изграден во 19 век. Манастирската црква, пак, посветена на архангелите Михаил и Гаврил, градена по примерот на црквите од Света Гора, датира од 14 век. Изградена е во периодот меѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389). Живописана е во 1591, а во тоа време е направен и иконостасот, од кој е сочуван само крстот. Сегашниот иконостас е од средината на 19 век. Црквата и иконостасот се реставрирани во 1991/1992 година.  (Вечер)