с. Љубанци (скопско),Недела, 16 Февруари 2014 -манастир на св. Никола
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, придружувана од пратеникот во Собранието на РМ, Диме Маџовски, и од директорката на надлежната установа Конзерваторски центар – Скопје, Ема Петрова, на 16-ти февруари 2014 година го посети манастирот Свети Никола во село Љубанци (сместен на падините на Скопска Црна Гора) каде годинава со средства на Министерството за култура предвидена е конзервација и реставрација на стариот конак во овој манастир, кој поради својата вредност е споменик на културата заштитен со закон.
Стариот конак во манастирскиот комплекс „Свети Никола“ во скопското село Љубанци ќе се конзервира и реставрира. При посетата на манастирот, Министерката за култура соопшти дека за санација на лошата состојба во која се наоѓа конакот, оваа и наредната година ќе бидат одвоени средства од буџетот на Министерството за култура.
-Манастирскиот комплекс на црквата Свети Никола од село Љубанци е еден од приоритетите во годишната програма на Министерството за култура. Минатата година се изврши целосен увид на состојбата на конакот, кога се увиде дека е во многу лоша состојба. Токму поради тоа надлежната установа Конзерваторски центар Скопје направи проценка на состојбата и изготвија проект за постојната состојба, истакна Канческа-Милевска.
Планирано е годинава да се направи демонтажа на покривот и изградба на потпорен ѕид, а ќе се објави и тендер за реставрација и конзервација на конакот.
Министерката за култура информираше дека иконостасот во црквата, кој е изработен од познатиот мијачки мајстор Дичо Зограф, е целосно реставриран и конзервиран од страна на недлежната институција.
- Очекуваме до крајот на наредната година да го видиме манастирскиот конак во автентична состојба кој ќе може да прими повеќе посетители, истакна Канческа-Милевска.
Манастирот Св. Никола во село Љубанци, сместен на падините на Скопска Црна Гора е комплекс од градби од 19 и 20 век. До 1960 година функционирал како машки манастир, а од 1998 г. е возобновен како женски манастир. Заради погодноста на планинската клима, за време на Втората светска војна манастирот претставувал воздушна бања за болни од туберколоза.
Министерството за култура за заштита на културното наследство, во Годишната програма, освен овој, има предвидено и многу други проекти за конзервација и реставрација на сакралното и културното наследство. Меѓу нив се проектот за конзервација на архитектурата на црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во општина Старо Нагоричане, конзерваторско-реставраторски работи на живописот на манастирскиот комплекс Св. Ѓорги, Кнежино од 14 век, конзервација на архитектурата и живописот на црквата св. Ѓорги во с. Курбиново.
- Преминпортал (к.т)