Следново писмо е испратено по повод смртта на сестрата на старец Јаков. Во самото писмо може да се види на кој начин живеел и размислувал светиот старец:
Светиот манастир на Старецот, 10 март 1958
Кој ќе не’ раздели од љубовта Христова?
Мој почитуван и многу љубен брате Теодоре, ти се поклонувам! Побожно и со почит ја целивам твојата десница. Го примив твоето возвишено и освештено писмо и топло ти благодарам за сите утешни зборови кои влеаја балзам во мојата ранета душа. Ти благодарам за молитвите за мојата сестра. И јас, мој почитуван оче, се молам за приснопамјатниот отец Димитриј, кој го засакав уште додека бев дете.
Оче Теодоре, јас, како човечко битие, многу сум ожалостен за мојата сестра, но добрата вест е дека скрушената Тасија (Анастасија) се удостои на насладување во возљубената скинија на преподобниот Јован Руски. Јас, оче, во откровение и видение ја видов мојата сестра во небескиот манастир на преподобниот Јован Руски. Оче, целиот треперам додека ти го пишувам ова: она не наишла на никакви тешкотии, ниту додека се вознесувала, ниту пред престолот на Судијата. Жив е Господ Бог и покрај неа стоеа преподобен Давид и преподобен Јован Руски. Веќе не сум тажен, бидејќи она бараше од мене да престанам да тажам и да бидам радосен, затоа што се удостои на небесната брачна одаја. Така светите отци ја искажуваат својата почит.
Секогаш да те прекрива и крепи благодатта на преподобниот Давид. Искажи ја мојата почит на попадијата и малиот Димитриј, а особено на Старицата.
Оче Теодоре, христијанинот ја остава зад себе суетата на овој живот и стапнува во небесното пристаниште, каде нема таласи кои би можеле да го вознамират и каде не доаѓа до бродолом. Таму нема ниту непријатели, ниту прогони, нема ниту болка, ниту страдање, ниту несреќи. Се среќава со пријателски и прекрасни личности, и се насладува со тоа што од блиску Го гледа Ликот на нашиот Спасител, и со Него сообитава во своето вечно место, во најславниот дом на својот Отец.
Сигурно дека, како човечки битија, ќе бидеме тажни кога саканите личности ќе не’ напуштат. И Господ почнал да тажи кога го видел Лазар. Меѓутоа, јас заради љубовта на мојот Господ и преподобен Давид, ќе бидам трпелив.
Прости ми заради мојата неписменост. Јас, меѓутоа, знам колку ме љуби мојот почитуван отец Теодор и знам дека нема погрешно да ме разбере. Те заморив, оче, но верата е жива и се’ е свето. Со многу љубов, побожност и почит со свет целив ја целивам твојата света глава.
Скрушениот слуга Господов (†) Јаков
Извор: Маран Ата