Почитувани верници,
Дебарско-кичевската епархија, под духовното раководство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, како и секоја година, постојано се грижи за духовното надградување на своите верници, но и на сите верници на нашата света Македонска православна црква. Имено, во рамките на нашата издавачка куќа Канео, и ова лето Господово, според нашите можности, излегоа повеќе вредни наслови, кои секој православен верник треба да ги прочита и да ги поседува во својата домашна библиотека.
Фондот на нашата издавачка куќа се збогати со шест нови дела, од кои две се авторски дела, три претставуваат превод на познати богослови, кои дале голем придонес во развојот на нашата света Црква и последното дело е веќе добро познатиот алманах од нашата Епархија, Светиклиментово слово, кое се печати веќе дваесет и шест години.
Авторскиот труд Поречки манастир е дело на професор д-р Ратомир Гроздановски и претставува монографија за овој прекрасниот манастир посветен на Пресвета Богородица во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, кој последните неколку години го врати својот некогашен изглед и раскош.
Авторскиот труд Плаошки мироглед претставува склоп на севкупниот творечки опус на нашиот Митрополит Тимотеј, објавен во црковни, но и други списанија во периодот на неговата архипастирска дејност од 1981 година до 2012 година. Тука се објавени и многубројните беседи, упатени до паствата на Австралиско-новозеландската епархија, и секако, на Дебарско-кичевската епархија.
Во дваесет и шестото издание на Светиклиментово слово ќе се запознаете со сите значајни настани во нашата Епархија во изминатата 2014 година, а ќе може и духовно да се насладите со прекрасните авторски текстови, како и со преводите на повеќе богословски текстови. Оваа година поместена е и службата на светиот Ахилиј Лариски Чудотворец, а неизоставен дел е и календарот за 2015 година.
Како што спомнавме, излегоа и три дела во превод, и тоа: Евхаристија од архимандрит Кипријан Керн, во превод на свештеник Никола Христоски; Евхаристиско богословие од протоереј Александар Шмеман, во превод на свештеник Никола Христоски, како и делото Св. Арсениј Кападокиски од старец Пајсиј Светогорец, во превод на Виктор Недески.
Годинава беа реиздадени и книгите: Охридски пролог, Требник, Служебник, како и делото Со болка и љубов кон современиот човек од старец Пајсиј Светогорец, што само по себе зборува за значајноста на овие дела и за нивниот придонес во духовното растење на нашиот верен народ.
Извор: Дебарско- кичевска епархија