Photo:

Photo:

Photo:

Photo:

  Sample Image

 На 21 Мај 2016 година, (сабота) на денот кога Светата православна црква го празнуваше споменот на Светиот апостол и евангелист Јован се изврши осветување на нова црква во градот Велес. Новата црква е посветена на светите бесребреници, лекари и чудотворци Козма и Дамјан, а се наоѓа во дворот на Општата Болница во Велес. Чинот на осветување на црквата го изврши Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство од велешкото намесништво на Повардарската епархија. На чинот на осветувањето, присуствуваа градоначалникот на Општина велес, г-дин Славчо Чадиев, заменик министерот за здравство г-дин Јовица Андоновски, пратениците г-дин Илија Димовски и г-дин Марјанчо Николов, потоа директорот на Општата Болница г-дин Атанас Василев, др. Ванчо Граматов, како и многу други верници, кои заедно со сите останати го проследија чинот на осветување во благопријатна молитвена атмосфера.

Митрополитот Агатангел во своето обраќање пред присутните истакна дека болничката црква „Св. Козма и Дамјан“ ќе биде место каде што сите верни души ќе можат да ги задоволат своите духовни потреби преку добивањето на Светите Тајни - Молитви, Исповед и Причест, а особено ќе биде наменета за сите оние кои доаѓаат во Болницата заради лекување, за да можат да си запалат свеќа и да се помолат на Севишниот Бог Исус Христос за исцеление на нивните телесни и духовни болки, место каде што ќе можат да ги смират своите мисли пред разни операции, место каде ќе се помолат за покој на душите на нивните починати, но и место каде што првпат ќе Му благодарат на Бога за добиената рожба или успешно извршена операција. Затоа и поголем дел од фрескоживописот во црквата е посветен на исцелителните чуда на Господ Исус Христос. Исто така црквата е наменета и за сиот медицински персонал, кој поради својата посветеност и грижа за болните не може да присуствува на Богослужбите, така што со градењето на оваа црква ќе им биде овозможено на сите кои работат овде да доаѓаат редовно на Литургија, особено за најголемите празници.

Photo:

По чинот на осветување на црквата, Митрополитот Агатангел отслужи и прва Света Божествена Литургија, а во текот на оваа седмица, исто така, секој ден ќе се служи Света Божествена Литургија во новоосветениот храм.

Изградбата на оваа црква доаѓа по големи напори на Повардарската епархија во еден подолг период да успее да се реализира замислата за Болничка црква во градот Велес, и затоа ја изразуваме нашата благодарност до сите оние кои помогнаа да се оствари реализацијата на овој проект. Црквата се изгради со средства на Повардарската епархија, како и со донации на верници, а градежните активности ги изврши фирмата „Изгрев инженеринг“ од Велес.

Photo:

Камен-темелникот за изградба на овој храм беше поставен и осветен на 23 октомври 2011 година.
Фотогалерија од Вечерната богослужба.

 Photo:
 
Извор: повардарска епархија