- Радишани, 2008)
Светата православна црква, секоја година на овој ден нe потсетува дека во историјата на христијанството, проповедал и живеел според верата Христова, еден од големите духовници, преподобниот Наум Охридски, познат и почитуван надалеку.
По овој повод Црквата, земајќи го свети Наума за пример, н# поучува дека верата без добри дела е празна и не дава плод; ете, затоа потребни се духовни подвизи еднакви, или барем приближни на оние што ги правеле светителите.
Денес служевме и се молевме заеднички на нашиот Господ Бог, од Кого ги просевме даровите на Светиот Дух, а кои се: мудрост, разум, совест, сила, знаење, побожност, страв Божји. Го чувме, исто така, Христовото евангелие, кое е пат, вистина и живот. И пред тоа, пак, во апостолот, си спомнавме за дарови од плодовите на Светиот Дух, а тие се: љубов, радост, мир, трпение, добрина, милосрдие, вера, смирение, воздржаност.
Почитувани слушатели,
Црквата на различни начини поучува, подобро речено, различно ги воведува своите верници во повозвишен духовен живот. Меѓутоа, најуспешно тоа го прави преку литургијата:
- во која обичните верници стануваат учесници на благодатта;
- преку проповедта на евангелието кога слушателите непосредно се среќаваат со Божјото Слово и конечно,
- преку примерите на светците и светиите - тие живи исполнители на евангелските пораки - кога биваат охрабрувани во своите духовни подвизи.
И да знаете браќа, дека целото Евангелие порачува дека треба:
- да се остави помалото заради поголемото,
- минливото заради неминливото,
- заодното заради незаодното,
- евтиното заради драгоценото,
- лошото заради доброто.
Кога Евангелието не би ветувало поголеми вредности, тогаш кој би ги оставил помалите? Кога не би го откривало сјајот на скапото богатство, кој би го науштил евтиното и незначајното? Кој доброволно би го предал својот живот на страдање и смрт, ако не го предвкусил бесмртниот живот? Господ Исус Христос е духовното богатство браќа, поскап е од сите светски богатства, поскап е дури и од овој живот, бидејќи дарува бесмртен живот.
Светителите и Божјите угодници знаеле за благодатта и за силата на Евангелието, па затоа по него и постапувале. На пример: Свети Никола ги отстапувал почестите како на владика и не ја присвојувал наградата што му ја давале луѓето - во име на милосрдието кон сиромашните; Света Петка го оставила светот - во име на подвижништвото; Светите Апостоли семејствата свои - во име на ревноста во верата Христова; Свети Димитриј и Свети Георгиј, потоа, Свеа Злата Мегленска и Свети Георгиј Кратовски, младоста и убавината ги замениле со мачеништво - во име на одбрана на верата православна и, конечно, преподобниот Наум Охридски, минливите нешта од овој свет - во име на подвижништвото, молитвата и богомислието.
Ете, гледате, секој светител е исполнето Евангелие и претставува оживотворено и конкретизирано Слово Божјо. Секој од нив е исполнител на Евангелието, според зборовите на светиот апостол и евангелист Матеј, кој вели: “И така, секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен” (Матеј 7, 24).
Па, така, кога Црквата го прославува свети Наума, на пример, поради неговиот богоугоден живот, не повикува и нас, да го подржаваме доследно, според нашите сили и можности. Ако свети Наум бил духовен лекар на слабите, изнемоштените и бедните - тоа можеме и ние да го правиме, според нашите сили и можности. Ако свети Наум лекувал болести - ние, пак, можеме да бидеме полезни за болните и изнемоштените луѓе, особено за во староста и немоќта нивна. Доколку го следиме патот на овој Божји угодник, кој се овенчал со дарот на чудотворство и сила - ќе ни станат лесни христијанските подвизи за придобивање на добродетели.
Нека по молитвите на преподобниот наш Наум, ни биде испратена и нам благодатта на нашиот Господ Исус Христос, која крепи и лекува, та да се радуваме на Божјите убавини што ни се дадени во изобилие. Амин!