Со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, денес, сестрите од Обителта на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица со чредниот јеромонах и затекнатите верници, по завршетокот на вообичаената великопосна Богослужба, направија литија со чесните мошти на Великомаченикот, на Преподобниот Герасим Јордански кој се слави токму денес, како и со мошти на други Светии што се чуваат во Манастирот.
Опходот со моштите, пропратен со пеење на: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртен, помилуј нè“ и на тропари на повеќе Светии, го заокружи целиот манастирски комплекс, а на сите четири страни беа упатени прозби и молитви, за добриот наш Бог да ја чува нашата света Обител од секакво зло, да ги благослови и спаси жителите на градот Дебар и околните села, како и сите луѓе кои се погодени од искушението со коронавирусот.
Во традицијата на православната Црква е кога ќе се случи некоја голема епидемија, да се прават литии со свети мошти, икони и други светињи, но не со масовно учество на народот, поради опасност од зараза, туку само со учество на клирот, монаштвото и мал број на верници. Таква, на пример, била литијата со моштите на Свети Климент Охридски во 1910 година, кога Охрид го пустошела страшна чума, после што чумата сосема престанала.
По молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, на Светиот отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски, и на сите Светии, милостивиот Бог да се смилува на Татковината наша и на овој Негов свет и да ја оттргне оваа беда од човештвото, приведувајќи го кон покајание и кон богообраќање!
Повеќе: