Во манастирот Св. Климент Охридски и вмч. Пантелејмон на Плаошник во Охрид, на ден 10. 06. 2007 година, Владиката на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј, во сослужение на митрополитот Повардарски г. Агатангел и митрополитот Брегалнички г. Иларион, и свештенослужители од наведените епархии, отслужи света Литургија. На светата Литургија присуствуваше и Поглаварот на Македонската православна црква Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и владиката г. Горазд.
На светата Литургија, која што за таа цел беше пренесувана директно на Македонската телевизија, а во исто време и сателитски пренесувана, присуствуваа голем број на верници од Охрид и другите градови од Македонија.
Кон верниот народ со поучно слово се обрати владиката г. Тимотеј, кој вдахновено говореше на евангелскиот текст, предвиден за оваа недела, а кој се однесуваше на Христовиот повик на првите четворица апостоли.
По завршувањето на светата Литургија и причестувањето на голем број верници, по кратка пауза, Архиепископот и останатите архиереи на Македонската православна црква, придружувани од свештенството, се упатија во катедралниот храм на Охридската архиепископија, каде што во организација на Претседателот на Р. Македонија г. Бранко Црвенковски, на Неговото Блаженство г.г. Стефан му го предаде највисокото државно одликување, Орденот на Република Македонија, а по повод 40 години од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква.
Известува: отец Игор Никовски