Нашата небесна Закрилничка, Сепречистата Владичица Богородица, чедољубивата Мајка на родот христијански,
преку чудотворната Своја икона Вратарница (Παναγία Πορταΐτισσα),
пристигна во нашата Татковина –
во Нејзиниот нов Дом- манастирот Св. Пантелејмон, с. Пантелеј кочанско.
Дојдете, верни, во Духот Божествен радувајќи се, со песни почит да ѝ оддадеме на онаа Која е радост и утеха за сите народи.
Обителта на св. в-мч Пантелејмон , украсен со облека од скрушени молитви исткаена, свечено собрани околу прекрасната изобразба на Онаа Која сите во својата мајчинска прегратка ги собира и срдечни прозби ѝ принесоа за целиот народ што од Неа милост бара.
Најпрекрасна химна ти пеат нашите срца грижлива Мајко, со своите нежни прегратки заштити нѐ од бурата на гревот.
За Преминпортал: Дејан Блажески
Друго:
Пресвета Богородица- Портаитиса го посети Кочани
За тебе се радува, Благодатна, сета твар; ангелскиот собор и човечкиот род!
16.08.2020 година, 10 седмица по Педесетница, Кочани, храм Св. В-мач. Георгиј
Нашата небесна Закрилничка, Сепречистата Владичица Богородица, чедољубивата Мајка на родот христијански, во овој Богородичен Пост, преку чудотворната Своја икона Вратарница (Παναγία Πορταΐτισσα), ја покри нашата Татковина – a особено Кочани – со покровот на Нејзината Божествена љубов.
Велик благослов од Нејзината Градина, од обителта на Иверон, Која, повторно ни ја покажа Својата слава и велелепие. Нејзиното таинствено присуство на литургиското собитие во храмот на Светите Великомаченик Георгиј, на кое претстоеше домаќинот и предводникот на торжеството Н. В. митрополитот Брегалнички г. Иларион, ги радуваше срцата на стотиците верни, притекнати таму да Ѝ се поклонат на Царицата на луѓето и ангелите. Уште еднаш ги посведочија Христовите зборови, дека каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Матеј, 18,20).
Денешниов неделен ден е благодат врз благодат за Кочани, со најважното од сè – Светата и Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Н. В. Митрополит Тетовско- гостиварски г. Јосиф, во сослужение со собраќата архиереи: Н. В. митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј, Н. В. митрополит Брегалнички г. Иларион и свештенствто од Богодаруваната му епархија.
Со своите топли молитви и со прекрасните стихови на Акатистот исплетовме уште еден венец на пофалби кон оваа наша моќна закрилничка, под чиј што омофор сите се засолнуваме. А заради рестрикциите во нашата земја, со скромна литија беше испратена во нејзиниот нов Дом, манастирот посветен на Св. Вмч. Пантелејмон во село Пантелеј. За радост на новото сестринство во оваа обител и за благослов на целата наша татковина.
Гората која малку ја запознавме, многу ни даде ...
По завршувањето на Литургијата пред Иконата се отслужи Молебен канон со Акатист кон Пресвета Богородица, по што иконата беше однесена во манастирот посветен на Св. Вмч. Пантелејмон во село Пантелеј – кочанско каде ќе биде изложена за поклонение.
16ти август 2020лето Господово