Единствениот остров во Република Македонија, островот Голем град на Преспанското Езеро од 14 август е отворен за организирање туристички посети.
Јули 2008 г.- храм на Св. Илија, Голем град
Бидејќи станува збор за подрачје што е под строга заштита со закон, односно таму е дозволен пристап исклучиво за научни истражувања, идните туристички посети ќе бидат организирани со туристички водичи од Националниот парк „Галичица“ во чии рамки спаѓа Голем град.
Островот се наоѓа на два километри по воден пат од селото Коњско. Тој се издига на височина од 30 метри над езерото и е со површина од 18 хектари. Островот сега е ненаселен со луѓе, но е дом на многу ендемични растенија, ретки птици и повеќе различни заедници на животни. На островот има и голем број остатоци и објекти различни временски и историски периоди кои говорат дека тој не бил отсекогаш ненаселен. На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културни историски споменици и природни вредности.
Како што истакна директорот на Националниот парк „Галичица“ Зоран Ангеловски денеска на островот ќе биде ставена во употреба посебна патека што води до сите тие локалитети, со поставени информативни табли на македонски и англиски јазик, како и пристапен мост со оглед на тоа што се работи за тешко пристапен терен. Ангеловски истакна дека патеката е уредена токму со цел за да се ограничи движењето на посетителите, односно за да нема неконтролирано движење по островот кое е под постојана заштита и обезбедување од вработените во Националниот парк „Галичица“.
Посетите на островот ќе бидат слободни за туристичка понуда, но мора да бидат претходно најавувани и предводени од обучени и лиценцирани туристички водичи од Националниот парк.
На островот Голем град има девет вредни археолошки наоѓалишта со остатоци од објекти изградени од четвртиот до 19 век, како и две локации посочени како места со посебна природна вредност.
На островот постоела населба од времето на четвртиот век пред нашата ера што опстојувала до шестти век од нашата ера. Од градби на островот има остатоци од куќи од хелинистичкиот период, како и три куќи од римската епоха кои вода за пиење обезбедувале од посебна изградена цистерна во нивна непосредна близина.
Во античка епоха населбата му припаѓала на македонското племе Орести. Од античкиот период се откриени погребувања од четврти век пред нашата ера до први век пред нашата ера, како и од четврти век до седми век од новата ера.
Во средновековието островот претставувал мананстирски комплекс во чиј состав имало повеќе цркви (Свети Петар, Свети Димитрија, ...).
Во комплексот биле погребувани монаси, но и жители од околните населби на копното кои биле духовно врзани со верскиот живот. Погребувањата на островот се вршеле до 15 век, а монашкиот живот се обновувал и до средината на 20 век. аб/сст/9:23
Извор:МИА
Фотографии: Андреј, Скопје
Посети:{moshits}