Во канонска посета на МПЦ, пристигна Патријархот Српски г. г. Порфириј, заедно со архијереи на СПЦ
Денес, на 23 мај, во попладневните часови, во канонска посета на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија пристигна Патријархот Српски г. г. Порфириј, заедно со архијереите на Српската Православна Црква: Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј и Нивните преосвештенства, Епископот Сремски г. Василиј, Епископот Бачки г. Иринеј, Епископот Зворничко-тузлански г. Фотиј, Епископот Крушевачки г. Давид, Викарниот Епископ Ремезијански г. Стефан и Викарниот Епископ Топлички и избран Шабачки г. Јеротеј. Неговата Светост и архијереите беа пречекани на Меѓународниот скопски аеродром од Митрополитот Преспанско-пелагонски г. Петар и Епископот Хераклејски г. Климент.
Високите црковни гости потем заминаа на прием во Резиденцијата на Архиепископот, каде што беа пречекани од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Утре, со почеток во 09:00 ч, претстојателите на Српската и на Македонската Православна Црква, ќе чиноначалствуваат на Божествена Литургија во Соборниот храм ,,Свети Климент Охридски”, а во сослужение со останатите архијереи на нашата помесна Црква и со пристигнатите архијереи од Српската Православна Црква. Го повикуваме верниот народ да земе учество на Трпезата на љубовта, со која на празникот на великите сесловенски просветители, Солунските браќа Кирил и Методиј, и во нашата Татковина ќе се покаже она што се оствари в Белград минатата седмица – имено, дека е залечена раната на црковното неопштење и дека нашата Црква повторно е во евхаристиско заедничарење со сеправославната екумена.