Небесната радост што ни ја дарува Бог е навистина неописливо чувство и душата исполнета со неа ликува и благодарно Го слави Бога, зашто ја удостоил уште овде на земјава да го претвкуси рајот. Таква радост се читаше на лицата на сите присутни кои во голем број притекнаа во Бигорскиот манастир, торжествено да го прослават празникот на славниот Претеча - старозаветниот пророк, кој со својот рамноангелен живот е совршен пример за сите кои во ова светилиште се сораспнале со Христа и го следат Неговиот Крстител по тесниот пат на спасението. А како да не се радуваат кога, по молитвите на свети Јован, уште еден брат се удостои да прими ангелски образ и како духовен апостол, облекувајќи се во облеката на покајанието, се приброи кон Христовата војска.
И додека о. Порфириј смирено полагаше завет пред Небесниот Жених, на голема радост на своите родители Томе и Нада, и особено на радост на својот Старец, архимандрит Патрениј, кој овие две години со татковска љубов го поучуваше и духовно го раснеше своето чедо, се радуваа и ангелите на небесата, славејки го раѓањето на уште еден усрден молитвеник за светот, еден нов светилник, зашто „Ангелите се светлина за монасите, а монасите се светлина за светот.”
Обраќајќи се во својата беседа до новиот монах, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки, г. Тимотеј, кој заедно со Митрополитот Повардарски, г. Агатангел, го изврши потстригот, го потсети о. Порфириј дека монашкиот живот е голем подвиг, но подвиг кој се остварува во монашката заедница со поткрепа на браќата а особено на игуменот, на кого му е доверено да ги раководи душите во овој суетен и преполн со гревови свет. „Затоа, новопотстрижен брату, Порфириј,“ - продолжи тој, „препушти ја својата волја на волјата на твојот игумен и братството и живеј во слога, љубов, почитување на секоја христијанска душа, а пред сè на братјата и поклониците и посетителите на оваа света обител. А, Вие, оче игумене и браќа на оваа светиња, како и досега, сега уште повеќе крепете го, поучувајте го, бодрете го за да може подостоинствено и посветено да го исполнува монашкиот завет, а за спасение на неговата душа и за просперитет на светиклиментовата Македонска Православна Црква”.
Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица
Посети:{moshits}