Осветување на новоизградениот храм посветен на светиот Никола во Лешок
Денес 20 јули во шеста недела по Педесетница, кога се празнува споменот на св. вмч. Недела, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на поранешниот митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф, изврши осветување на новоизградениот храм посветен на светиот Никола во с. Лешок-Тетово. Откако храмот беше осветен, се отслужи и првата света архиерејска Литургија, а
Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ.
,,Драги браќа и сестри, ние денеска се собравме во прекрасниот Лешок опеан и во песните, за да го осветиме овој нов свет храм посветен на светиот Никола. Овој чин сам по себе претставува големо духовно торжество. Денешниот ден е вистински празник за секој еден човек во Лешок. Радоста кога човек ќе го погледне овој веќе осветен храм е навистина голема, а голема е затоа што Бог го благослови ова дело по вашиот труд и молитви.
Овој храм почитувани, веќе со чинот на денешното осветување е дом Господов, дом за молитва и како таков преставува „парче небо на земјата“, во кое сите ние „оскребени и обременети“ од животните грижи со влегувањето во него и со молитва кон св. Никола, патронот на овој храм, повторно и секогаш ќе ја враќаме утехата, верата, надежта и љубовта во нашите срца. Пред малку сите вие ги слушнавте зборовите од светото Евангелие; Господ ја создал Црквата и дал ветување, дека и вратите на адот не можат да ја надвладеат (Мт. 16,18). На Црквата Бог ги дал клучевите од Царството.
Во храмот, Божјите очи и срцето Негово престојуваат во сите денови како што се вели во (3 Цар. 9,3). Тука Господ го пројавува Своето благодатно присуство и го манифестира Својот глас на љубовта: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам” (Мт. 11,28). Он не само што ќе не успокои, туку дава и утеха и облагородување на секоја душа христијанска, која страда и се мачи. Но треба да знаете дека Бог со својата милост и помош, дава начин и пат да ги пребродиме тие маки. Во искушенијата кои Бог ги допушта, човекот се испитува себеси и ја осознава својата духовна состојба. Добро е што Бог допушта искушенија, инаку и понатаму би имале скриени страсти.
И кога би нè пуштил во рајот онакви какви сме, тоа ништо не би вредело, затоа што и таму, пак би направиле проблеми. И токму затоа допушта страданија, за да ја очистиме душата со солзи и покајание и да се „принудиме“ кон Бога, како кон Спасител. На сите иницијатори, помагачи, градители и на сите добри луѓе кои што помогнаа да се изгради овој дом Божји, како надлежен владика на Тетовско-гостиварската епархија им изразувам голема благодарност.
Истовремено, Го молам Семилостивиот Господ стоструко нека им возврати за нивниот труд, за нивните средства и за нивната љубов кон верата православна. Господ нека ја наклони Неговата милост кон сите нас и нека го испрати неговиот свет благослов, за да одиме по вистинскиот пат, да ја исповедаме но и да ја живееме верата православна, исполнета со добри дела кои ќе ни послужат за спасение на нашите души сега и во сета вечност. Бог да ве благослови и да го запази славниот Лешок по молитвите на Богородица и св. Никола чиј што храм го осветивме денес. Амин!