Господи, доброволно Си ги раширил Твоите раце на Крстот, исполни нè со светлината Твоја во постот и молитвата, воздржанието и милостината и удостој нè да се поклониме на Крстот Твој со умилно срце, зашто Ти Си благ и човекољубив.
Вечерна воочи Крстопоклона Недела
Поуки на светите отци: Ако ти искрено и од срце простиш, Бог на истиот начин тебе ти простува.
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Господи, Ти благодариме зашто со Крстот Твој си нè повикал во заедницата на Твојата света Црква. Дај ни секогаш да се сеќаваме на Твоите зборови полни со љубов: »Кога направите на еден од овие најмали, и Мене Ми направивте«. Научи нè да живееме по овие зборови.
Читање од Светото Писмо:
Послание до Евреите 10, 31-38
Свето Евангелие по Марко 2, 14-17
Созерцание: ...И Исус им рече: »Не здравите имаат потреба од лекар, а болните«.
Свето Евангелие по Марко 2, 17
Подготви: А.Л.
Од Православен календар на МПЦ
Свети Теофилакт, епископ Никомидиски 21/03/2009
Кога првиот царски советник Тарасиј од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт. Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на Св. Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол. Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова. Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието. Св. Теофилакт в лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“. За овие зборови Св. Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања и најпосле Му ја предаде својата света душа на Господ околу 845 година.
Светиот свештеномаченик Теодорит 21/03/2009
Царот Константин во Антиохија изгради соборна црква со особена убавина. Народот ја нарече Златна црква, заради позлатата однатре и однадвор и многубројните садови во црквата од злато и сребро. Царот ѝ подари на оваа црква голем имот за издржување на свештениците, чиј број во неа беше голем. Чувар на оние садови и на сите драгоцености во црквата беше Теодорит, свештеник со голема вера и ретко благочестие. Тогаш почна да царува Јулијан Отстапник, кој иако беше крстен се одрече од Христа и подигна гонење на христијаните. Неговиот чичко, којшто и самиот се викаше Јулијан, дојде во Антиохија и ја ограби Златната црква, а Теодорит како ризничар го зеде и го изведе на суд, и го советуваше да се одрече од Христа. Теодорит не само што не сакаше да се одрече од својот Господ туку го изобличи и царот Јулијан за отпадништвото од верата, како оној којшто повторно се вратил на идолопоклонскиот блуеж. Кога злиот судија од дрскост отиде и мокреше во Златната црква, Теодорит му прорече ужасна смрт, којашто наскоро и го снајде. Светителот беше убиен со секира, а судијата Јулијан од мигот кога мокреше во црквата во долниот дел од телото го спопаднаа страшни болки. И тој дел од телото му го разјадоа црви, па ја изблуи својата отпадничка душа во најгрозни маки. Така и неговиот помошник Феликс, според пророштвото на Свети Теодорит, умре набрзо по убиството на праведникот, со крварење на устата. Свети Теодорит го обезглавија и се пресели во Христовото Царство во 362 година.
Посети:{moshits}