Скопје, 9 октомври (МИА) - На името Македонска православна црква да се додаде Охридска архиепископија, предложил Синодот на МПЦ на вчерашната седница. Конечната одлука за тоа ќе биде донесена на Црковно-народниот собор што треба да се одржи во ноември.
Целта на додавањето Охридска архиепископија на името на МПЦ, како што образложи митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, е усогласување на Уставот на Македонската црква со нејзината регистрација како правно лице и со законските прописи во Македонија.
- Впрочем во самиот Устав на нашата Црква во преамбулата веќе е посочено дека Охридската архиепископија всушност е исто што и МПЦ. Во овој случај бидејќи има тенденции како од јужниот, така од источниот и од северниот сосед да ја присвојуваат нашата Охридска архиепископија како да е нивна црква ние сакаме да кажеме дека тоа е исклучиво наш бренд на МПЦ, на Црквата во Македонија, на Црквата на македонскиот народ, вели г. Петар.
Тој смета дека тоа ќе овозможи подобра комуникација со Српската и со Грчката црква, зашто обично, како што вели, оние кои не сакаат да ве именуваат така како што сакате вие да се именувате, им е полесно да ве именуваат како што тие сакаат, но тоа е нивни проблем, не е наш.
Станува збор за црковно прашање, вели тој и додава дека и нашиот архиепископ во својата титула се именува со Охридски и македонски, што значи ако веќе и архиепископот ја носи таа титула нормално е и Црквата да ја носи истата титула.
Додавањето Охридска архиепископија на името на МПЦ беше на дневен ред и на минаготодишниот Црковно-народен собор во Калишта, но владиците без посебно образложение решија да не дискутираат за тоа.
Новото име на црквата ќе биде МПЦ - Охридска Архиепископија
Ова е втор обид на владиците да извршат уставни измени. Минатата година иако точката за измени на Уставот беше предвидена во дневниот ред на Соборот, сепак во последен момент македонските архијереи се откажаа
Терминот ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА ќе стане составен дел на името на Македонската православна црква. Владиците на последните две синодски седници постигнале согласност името на Црквата да се дополни со одредницата која го означува историскиот конитинуитет на македонската црква. Оваа одлука ќе треба да ја потврди и Соборот на МПЦ кој е закажан за првата половина на ноември. Ова е втор обид на владиците да извршат уставни измени. Минатата година иако точката за измени на Уставот беше предвидена во дневниот ред на Соборот, сепак во последен момент македонските архијереи се откажаа. Тогаш јавно против оваа иницијатива застанаа дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј и Повардарскиот Агатангел. Изворите на Вечер велат дека сега не постои разногласие и сите владици биле подготвени за овие уставни измени.
Црковни извори велат дека уставната комисија во МПЦ на оваа иницијатива работела цела година и има сериозни аргументи зошто се преминува кон дополнување на името на Црквата.
Овој тип на именување не е непознат во православните цркви. Речиси сите покрај терминот кој го означува националната припадност, во името на црквата го имаат и терминот што го лоцира престолот на поглаварот. Таков е примерот со Руската православна црква, чие целосно име е РПЦ-Московска патријаршија. Истиот принцип го има и СПЦ (Српска православна црква-Пеќка патријаршија). Во Уставот и на Грчката црква стои името на Атинската архиепископија(ГПЦ-Атинска архиепископија.)
Доколку овој пат Црковно народниот собор ја усвои одлуката на САС на МПЦ, тогаш во иднина МПЦ ќе се нарекува Македонска православна црква - Охридска архиепископија.
Марјан НИКОЛОВСКИ- Вечер