Дел од работилницата, која беше поддржана од Факултетот за ликовни уметности, беа лица со Даунов синдром и редовни деца со што од „Синоличка“ сакаат да ја промовираат идејата на интеграција на овие луѓе во општеството.
„Со овој настан сакаме да пратиме порака до пошироката заедница за убавината од интеграцијата на овие луѓе во нашиот свет. Тие не треба да живеат во некој свој изолиран свет туку со нас и покрај нас и само со нашата поддршка и љубов можат да го дадат својот максимум,“ вели Мимоза Петреска-Георгиева, претседател на Здружението за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром „Синоличка“.
Според Петреска-Георгиева, лицата со Даунов синдром, од кои што повеќето се со лесна до умерена попреченост сосема легитимно треба да се запишат во редовните училишта каде треба да се вработат дефектолози, кои ќе им помогнат на овие лица да ја следат наставата.
Таа ја поздрави отвореноста на редовните училишта кои се повеќе запишуваат деца со даунов синдром но сепак тука се јавува еден технички проблем.
„Со добивањето на едуцирано и работно оспособено личност самото општество си ја олеснува својата позиција. Многу е подобро да добиете едуцирана и работно оспособена личност која ќе стане одговорен член на заедницата отколку личност која ќе биде беспомошна со која заедницата дополнително ќе биде оптоварена,“ додаде таа.
Ана Петровска, од невладината организација „Специјалната Олимпијада на Македонија“ која се занимава со интеграција и социјализација на лицата со посебни потреби преку спортски активности, вели дека овие лица мораат да излезат од нивните кругови.
„Овие луѓе не смееме да ги криеме и игнорираме, туку да ги покажеме, за лицата од редовната популација да ги видат нивните способностите,“ истакна Петровска и изрази надеж дека во иднина министерствата во Македонија како и Агенцијата за спорт и млади почесто ќе ги поддржуваат ваквите проекти. /крај/ко МАКФАКС- Автор: Кристина Озимец
21 март 2010, 14:47
Извор: http://www.makfax.com.mk/