...Голем е денот кога мироносиците доаѓаат на гробот Христов и го наоѓаат празен. На Велигден ја славиме празнотијата на Христовиот Гроб! На овој ден Господ со смртта ја победи смртта и на сите во гробовите им даде живот. Тоа „сите во гробовите“ сме ние. На Велигден сите лоши зборови ја губат моќта, бидејќи како што лошиот збор убива, благословот воскреснува.
Светов во кој живееме ги има димензиите на падот. Во својата бесконечна разглобеност, тој е ода на себељубието, пофалба на егоизмот, царство на суетноста. А тоа дека целта на љубовта е двајца едно да бидат, не е само геометриска проекција на еден крилест, платонски ум... Поскоро е некаков копнеж, по целина, во распарченоста на с*. И најнакрај, страдање. Заради чувството дека сам - не си сам, и дека си зависен од некој што не си Ти. И дека никогаш нема да имаш целосна контрола врз нештата. И дека не би можел одненадеж да тргнеш на пат во непознато, не знаејќи дали ќе се вратиш, бидејќи си обврзан со бакнежот на збогувањето. И дека верата во Воскресението е твојот залог дека овој бакнеж за збогум, всушност, е добредојде во вистинскиот живот, во новиот свет на Љубовта. Каде што конечно ќе можеме да ги сфатиме зборовите: „Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во с* едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби...
“ Вистинскиот живот е заедница и самонадминување од љубов.Верата на Црквата во вечноста на човекот не е убеденост дека задолжително постои некоја идна „состојба“, во која преживува „нешто“ од човекот - неговата „душа“ или неговиот „дух“ - туку ја осигурува и ја сочинува мојата врска со Бог, Неговата еросна љубов кон мене... Верата во вечноста е довербата во тоа дека таа љубов нема да престане туку засекогаш ќе го сочинува мојот живот, било да функционираат или не моите психосоматски способности. (Христо Јанарас, Азбучник на верата)
Авторката е игуменија на беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“