Празникот Рождество на Пресвета Богородица свечено беше прославен во Катедралната Руска Црква „Покров на Пресвета Богородица“ во Чикаго. Вечерта воочи Празникот беше отслужено свечено Бдение со кое чиноначалствуваше епископот Кливландски Петар, а утредента се отслужи Света Божествена Литургија. Она што ја направи радоста на сите уште поголема беше присуството на чудотворната икона на Пресветата Богомајка - Курско-Коренска, која баш за Празникот беше донесена од Њујорк. На Литургијата, протоереј Андреј ги потсети верниците каква Светиња е донесена во храмот, истакнувајќи го фактот дека токму оваа прекрасна икона има донесено чудесни исцеленија на мнозина, вклучувајќи го меѓу нив и Светиот Серафим Саровски! Притоа, тој ги поттикна присутните усрдно и со вера да му се молат на овој чудотворен образ на Пресветата Владичица, спомнувајќи ги и неколкуте чудесни исцеленија кои баш во последниве години се случиле во Њујорк и Чикаго.
Инаку, како што бевме известени, на наша огромна радост, иконата треба повторно да пристигне во Храмот и за претстојниот Празник Воздвижение на Честниот Господов Крст, како и за големите Богородични Празници – Покров и Воведение на Пресвета Богородица.
Тропар на Курско-Коренската икона, глас 4
Имајќи Те како несоборлива карпа и извор на исцеленија, о Пресвета Богородице, ние, твоите слуги нападите на непријателите ги одбиваме. Затоа Ти се молиме: дарувај и мир на нашата татковина, а на нашите души голема милост.
Пресвета Богородице, спаси не!
С.Л.