Ги приклонувам колената пред Тебе, како блудниот син во древноста, Господи и Владико, поитај ми во пресрет и прими ме, та прегрнувајќи ме, дарувај ми залог за Твоето Спасение. Наместо наемник, син Твој повторно направи ме, Спасителу човекољубив.
Утрена, втора недела од Постот
Поуки од светите отци: Тогаш, знаејќи каква е судбината на злобниот, потруди се да стекнш блажена кротост во душата своја, фалејќи Го Христа, Учителот на добродетелите и наши сотрудбеници без кои не сме во можност да направиме никакво добро.
Свети Григориј Палама
Богоиспратената ѕвезда гледајќи ја, мудреците блесокот нејзин го следеа, и имајќи ја за светилник небесен, со неа тие крепкиот Цар Го бараа. Пристапувајќи пред недостижниот, се израдуваа пеејќи Му: »Алилуја!«
Од Акатистот на Богородица
Молитва:
Боже, Ти секогаш си подготвен да ни се откриеш и пред да сме ние спремни да ги видиме делата на Твоите раце: отвори ги очите наши за да ги гледаме секогаш околу себе знаците на Твоето присуство. Биди близу нас, Господи, дури и кога ние со своите гревови се оддалечуваме од Тебе – биди близу, Господи, и дај ни да го чувствуваме Твоето присуство, иако сме незаслужни и недостојни! Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 7, 1-14
Битие 5, 32; 6, 1-8
Соломонови Изреки 6, 20-25; 7, 1
Созерцание: Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај поуката на мајката своја.
Соломонови Изреки 6, 20
Подготви: А.Л.
Икона на денот
Преподобен Марко Подвижник
Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.