Засветли, Крсту Господов, засветли со благодатната светлина над срцата на оние кои те почитуваат. Со боговдахновена љубов те целиваме, о, Желбо на вселената. Преку тебе солзите на тагата се избришаа, избавени бевме од замките на смртта и преминавме во вечна радост. Покажи ни ја славата на твојата убавина и подари ни, на слугите твои, награда за воздржанието, зашто пристапуваме со вера кон твојата моќна заштита и голема милост.
Вечерна, Поклонение на Чесниот Крст
Поуки на светите отци: ...треба да се вежбаме подеднакво во сите божествени закони, особено во оној кој не повикува да не го сметаме ниту еден човек за свој непријател, ниту долго да го држиме гневот во себе, туку веднаш да настојуваме да се помириме.
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Милостив Господи, Божествен Учителу, биди навек близу нас! Научи не да го љубиме Твојот Чесен Крст. Секогаш нека не потсетува на Твојата голема љубов и благоутробие кон нас. Помогни ни секогаш да бидеме достојни за таква љубов и нека ни биде Твојот Чесен Крст секогаш наша крепост и заштита.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 8, 13-22; 9, 1-7
Битие 6, 9-22
Соломонови Изреки 8, 1-21
Созерцание: Јас ги љубам сите оние кои мене ме љубат и оние кои ме бараат, ме наоѓаат.
Соломонови Изреки 8, 17
Подготви: А.Л
Икона на денот
Свети Теофилакт, епископ Никомидиски
Кога првиот царски советник Тарасиј од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт. Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на Св. Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол. Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова. Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието. Св. Теофилакт в лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“. За овие зборови Св. Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања и најпосле Му ја предаде својата света душа на Господ околу 845 година.