Со издавањето на книгата „БИБЛИЈА во детски раце“, Библиско здружение на Република Македонија во својата уредувачка политика направи убав издавачки потег со кој на децата им овозможува да се запознаат на приемчив начин со библиските настани, како убав премин кон идното нивно црковно живеење и раст во Христа Бога .
Кон македонското издание
Господ Исус Христос од се најмногу ги сакаше децата. Еднаш, додека проповедаше, народот кој што беше собран околу Него ги донесе своите деца за да се допре до нив и да ги благослови. Но, учениците Негови им забрануваа на оние што ги носеа. Кога го виде тоа Исус негодуваше многу и им рече: "Оставете ги децата да приоѓаат кон Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам: Кој не го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него" (Марко, 10, 14-16).
Зошто Бог најмногу ги сака децата? - Затоа што тие се најслични на Него! Нивните срца се се уште чисти, а нивните души се незлобни.
Преку ваквово издание на Библијата наменета за деца, кое за сега е единствено во светот со православни илустрации и прилагоден текст за возраст на најмладите, вие децата, ќе имате можност да се запознаете со сите главни библиски настани. Оваа книга започнува со описот за создавањето на светот и чудесните дела што Бог ги направил во животот на Израилскиот народ, а завршува со Божјото ветување и Благата вест за доаѓањето на Господ Исус Христос на земјата и извршувањето на Неговото спасоносно дело.
Со запознавањето со библиските вистини ви се дава можност да се научите на христијанските вредности. Содржината на оваа книга нека ви постане ваше омилено четиво. Во оваа Библија за вас ќе најдете одговор на многу прашања од животот и таа може да ви помогне да ги избегнете и надминете тешкотиите на кои би можеле да наидете уште во детските години. Исто така, читањето на оваа света Книга, ќе ве исполни со духовна ведрина и радост и ќе се чувствувате постојано среќни и благословени.
Оваа книга - "Библија во детски раце", читајте ја како секојдневна лектира и имајте ја како извор за христијанско вероучение - и дома и во училиште.
Архиепископ Охридски и Македонски
Стариот завет
Бог го создава светот
Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата. Но, земјата беше пусто место. Темнина и вода имаше насекаде. Тогаш Бог рече: „Нека биде светлина!" И се појави светлина. Бог беше задоволен, зашто виде дека светлината е добра. Тој ја нарече светлината „ден", а темнината „ноќ".
А потоа Бог рече: „Нека има свод над земјата да ги разделува водите!" И тоа стана така. Бог сводот го нарече „небо". Тогаш Бог рече: „Нека се собере водата што е на земјата на едно место и нека се појави копно!" И стана така. Копното Бог го нарече „земја", а водите ги нарече „море". Бог беше задоволен, затоа што и тоа беше добро.
Пак рече Бог: „Нека се наполни земјата со зеленило: нека има трева, цвеќиња и дрвја што цутат и даваат семе и раѓаат плод!" Тогаш земјата пушти трева и шарени цвеќиња, како и дрвја од секаков вид. И така, Бог беше задоволен, бидејќи и тоа беше добро.
Потоа Бог рече: „Нека се појават светила на небото да ја осветлуваат земјата и да го делат денот од ноќта, па луѓето според нив да ги определуваат годишните времиња и да ги бројат годините!" Така, Бог го создаде сонцето за денот, а месечината и ѕвездите за ноќта. Бог беше задоволен, зашто и тоа беше добро.
Пак рече Бог: „Нека се наполнат водите и воздухот со живи созданиј а!" Така, Тој ги создаде рибите и се што живее во водата, но исто така и птиците, големите и малите. Бог беше задоволен, зашто и тоа беше добро.
Потоа рече Бог: „Нека се исполни земјата со живи суштества!" Така, Тој ги создаде сите животни што живеат на земјата: питоми и диви, од најмали па се до најголеми. И пак Бог беше задоволен, затоа што и тоа беше добро.
И им рече Бог на сите животни што живеат на копно, на птиците и на рибите: „Плодете се и множете се и наполнете ги морињата и целата земја!"
Најпосле рече Бог: „А сега, сакам да создадам живо суштество, кое на Мене ќе личи. Сакам да создадам човек." И ги создаде Бог луѓето според Својот образ, маж и жена ги создаде.
Потоа ги благослови и им рече: „Раѓајте многу деца, бидете плодни и наполнете ја земјата. Вие ќе господарите над рибите, птиците и останатите животни. Дрвјата и нивните плодови се ваши. Вам ви ги давам да се грижите за нив."
Погледна Бог на се што беше создал и беше задоволен, зашто се беше многу добро. Тогаш Бог се одмори. И откако заврши се што создаде, го благослови тој ден и одреди сите да го почитуваат и да Го слават Бога за сите Негови добри дела.
Ете, така Бог ги создаде небото и земјата.
Бог посади градина на едно преубаво место, па ги доведе таму Адам и Ева, првите луѓе кои Тој ги создаде. Градината беше преполна со прекрасни дрвја и вкусни плодови. Но, Тој им даде заповед на луѓето и им нареди - да не јадат од плодот на дрвото, што се наоѓаше среде градината.
(Битие, 1-2)
НОВИОТ ЗАВЕТ
Наслов на оригиналот:
Τα παιδιά διαβάζουν τη Βίβλο
© 2005, Грчко библиско здружение, Атина
© 2004, Марта Капетанаку Ксинопулу
Библиски карти © 1997 Lion Hudson рlс/ Tim Dowlwy and Реtег Wуаrt trading as Тhrее'ѕ Соmраnу. Used bу реrmiѕѕion. Аll right геѕеrved.
Илустрации: Марта Капетанаку Ксинопулу
Текст: Кети Хиотели
Уметничка обработка: Попи Калојани
Наслов на англиското издание: Childern’s Bible Reader
American Bible Society 2006
Превод од англиски: протоереј - ставрофор Бранко Постоловски Стручна редакција и рецензент: д - р Гоко Горѓевски
Издавач.
Библиско здружение на Република Македонија, Скопје, 2008
За Издавачот:
М-р Петко Златески
контакт тел : - 070 214 022;
Адреса:
„БИБЛИЈА во детски раце“, може да се купи во Библиското здржение ( 070 214 022) или во храмовите на МПЦ
Преминпортал
Лето Господово 2011
-