логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


†СТЕФАН

По милоста Божја, Архиепископ Охридски и Македонски,
заедно со Светиот синод,
до свештенослужителите, монаштвото и до сите верни
чеда на Македонската православна црква,
а по повод Божикните празнувања,

испраќа мир и благослов од Бога,
поздравувајќи ги со величествениот
и торжествен поздрав

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

           Голема е тајната на побожноста:
  Бог, Кој се јави во тело, беше посведочен од    
 Духот, им се покажа на ангелите, беше про-      
поведан на народите и светот Му поверува...
(I Тим. 3, 16)


Возљубени празникољупци,
Со рождеството на витлеемскиот Богомладенец се објави неповторлива радост, зашто засветли светлината на разумот и се благовести вистината дека Бог од љубов се роди како човек – како Богочовек. Така, во Синот Божји го видовме образот на совршениот човек и преку Него ни се откри смислата на постоењето на човекот и светот. Впрочем, секој настан поврзан со богооткриената вистина е чудо, а преку рождеството Христово го допираме најголемото чудо на небото и земјата, во историјата и вечноста, чудото на Богораѓањето.
Со Христовото рождество правдата на Единиот ги оправда сите луѓе (сп. Рим 5, 18), зашто се сретнаа Бог и човекот, се сретнаа небесниот Човек – Христос, со земниот човек – Адам, а тоа значи средба на секој од нас со воплотениот Бог. Празнувајќи го овој голем празник, ние Го запознаваме Бога, Кој ни дошол на средба, поминувајќи го сиот пат од Своето величие до нашата ништовност, постанувајќи еден од нас. Всушност, големината на празниците е во тоа што тие на чудесен начин спасоносниот настан го прават постојано актуелен и реален. Затоа, на овој празник ние сме повикани да излеземе во пресрет на Христа и да се вознесеме од земјата кон небото, прославувајќи Го доаѓањето на Бога на земјата и искачувањето на човекот кон Царството Небесно.
Човечката историја започна кога Бог ги создаде првите луѓе, а спасението на огревовениот човек се случи со Боговоплотувањето. Христос искуси сè како и ние, освен гревот (Евр. 4,15): се воплоти, се роди, беше искушуван, страдаше до смрт, но победувајќи го гревот, смртта немаше власт над Него. Затоа, Божик е ден кога ја славиме изобилната Божја љубов – кога  Синот Божји постана Син Човечки, со што ние луѓето постанавме чеда Божји.

Возљубени чеда во Господа,
Настанот со Христово рождество е исполнување на сите човечки копнежи, пророштва и очекувања, реализирање на севкупната и неуништива жед на човекот кон доброто. Воедно, тоа е и празник на новата епоха, зашто преку доаѓањето на Бога во тело – сè ново се создаде (сп. Откр. 21,5). Со Неговото доаѓање во плот, започна не само уште една религија, туку започна нов живот, бидејќи Оној Кој е Извор на животот се вочовечи, стана човек, за човекот во Него да се обожи. Тоа е неизмерна радост и спасоносен дар за човечкиот род и светот. Затоа, празнувајќи Црквата пее: Христос се раѓа - прославете Го! Христос на земјатa - пресретнете Го! Христос на небесата - вознесете се кон Него!
А на секое прославување на Божик со мислите се пренесуваме во Витлеем, во пештерата и јаслите, за да Го сретнеме Детето Христос – симболот на вечната младост. Оттаму, овој празник нè повикува да размислуваме за децата и младите, а особено за загрижувачката состојба со рожбите во нашите семејства, на сè поголемиот број на разводи и на десетиците илјади годишни прекини на бременоста. Светата Црква и на овој ден и од ова свето место ги повикува и потсетува брачниците на благословот Божји и обврската кон родот, како и на тоа сериозно да се разбере потребата од повеќе деца во нашите семејства. Човечкиот живот и децата се дар Божји, па дотолку повеќе треба да се води грижа за секој нов живот во кој, покрај Бога, соучествуваат и родителите. Загрижувачки се податоците за постојаното намалување на бројот на новороденчињата, а оттаму на учениците и паралелките во нашите училишта, што говори дека се намалуваме и старееме како нација. Нашите постари знаеја што значи дарот и благодетот од рожбите, знаеја дека децата се најголемата радост и најскапоценото богатство. Па, младите биле и остануваат иднината на нацијата, а со тоа и на Црквата и Татковината!
Но не е доволно само да се има деца: добро е да имаме повеќедетни семејства, но неопходно е на истите да им дадеме и добро воспитување. Секојдневно слушаме и гледаме различни негативни примери на однесување и постапување кај нашите млади, а тоа не води кон добра иднина. Децата треба да ги учиме на примерно поведение, да ги воспитуваме во духот на провереното и докажаното добро – а тоа е во духот на Христовата наука. Конечно, време е родителите и надлежните институции посериозно да му пријдат на предметот веронаука во нашите училишта, зашто потребниот пристап кон тој предмет би значел и заеднички влог за подобра иднина.
Светата Црква препорачува да се сака ближниот, да се почитува секој човек, да не се мисли и прави зло на другиот, па дури да се почитуваат и непријателите... Гаранцијата за ваквиот морален систем е во верата во Единиот Господ, во љубовта што Тој ни ја покажа, а чиј врв се докажа токму на денешниов ден – кога Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен (Јован 3, 16).    

Возљубени чеда на новородениот Богомладенец,
Не само во пресрет на овој празник, туку постојано треба да се каеме и да ги здобиваме даровите на Духот (Гал. 5, 22-23), покажувајќи ја на тој начин љубовта кон ближниот и не заборавајќи дека Синот Божји дојде на земјата од љубов кон сите луѓе. Затоа, наша должност е кон секој човек да гледаме со Христови очи, да покажуваме љубов, да бидеме сострадални, да се молиме, да помогаме, да ги благословуваме дури и оние што се однесуваат непријателски, но и да се радуваме во Господа, и не само со збор да се именуваме христијани, туку и со дела, како што нè поучува нашиот патрон свети Климент Охридски.
Оттаму, потребно е постојано да учествуваме во литургискиот живот на Црквата. За да можеме, пак, целосно да празнуваме, најпрво е потребно да се преумуваме со Светлината на разумот, да се поправаме и на тој начин да направиме јасли во нашето срце, во кое постојано ќе се раѓа Изворот на животот – Господ Христос. Во овој свет Бог ни доаѓа во лицето на секој човек. Поради тоа светите отци велат: ако си го придобил својот ближен – си Го придобил Бога! Затоа, должни сме да не остануваме во темнината на самољубието, зашто христијанинот е вистински христијанин само доколку ги исполнува Божјите заповеди и  законите на верата и со љубовта кон другите ја потврдува својата љубов кон Бога (сп. Јн 13, 35).


Возљубени чеда на нашата Света Црква,

На денешниов величествен и торжествен празник, испраќајќи ви го нашиот архипастирски благослов и ние, заедно со вас, чувствуваме огромна духовна и национална радост. Да Му благодариме на Бога и на Неговата света промисла што нè удостои во годината што претстои да ја прославиме 45-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Тој блескав историски момент беше, е, и треба да остане трајна сенародна и сецрковна придобивка на нашиот православен народ и на нашата Татковина. Со оваа значајна историска одлука беше исправена двовековната неправда кон нашата древна Црква. Денес, пак, по поминати 45 години, анализирајќи ги плодовите на тоа историско решение, на Црковно-народниот собор, одржан во Охрид во 1967 година, со восклик можеме да кажеме дека тоа паднало на богољубива и родољубива почва и дало и, еве, сè уште дава и, веруваме, ќе дава богоугоден и спасоносен плод за нашиот народ и Црква.
Во годината што претстои, покрај 1000-годишнината од упокојувањето на св. Григориј, епископот Охридски, ќе се потсетиме и на 45-годишнината од отворањето на Македонската православна богословија и 35-годишнината од основањето на Православниот богословски факултет во Скопје, кои, по примерот на Светиклиментовото училиште во Охрид, се соборно место и духовни расадници за изградба и калење на македонските свештенослужители, проповедници и вероучители.
  Одбележувајќи го 45-годишниот јубилеј од обновата на автокефалноста, со духовна радост можеме да кажеме дека Македонската православна црква е Црква со огромен напредок на духовен план, бидејќи од темел го подигна и непрестајно продолжува да го надградува возобновениот црковен живот, како во Македонија, така и меѓу иселените македонски чеда насекаде по светот.    

Возљубени во Господа,
Пренесувајќи ги нашите поздрави до сите верни чеда на нашата Света Црква во Татковината и дијаспората, ве повикуваме да стоиме во слободата со која Христос нè ослободи, да стоиме во благодатта Христова исполнувајќи ги Неговите заповеди, да стоиме во името со кое сме повикани, зашто тоа име е над секое име (Филип 2, 9), и да сведочиме со вера и дела, онака како што сведочеа светиот апостол Павле, светите Климент и Наум и сите кои Го прославија Христа Богомладенецот во своите животи, кои се обожија во Него, приведувајќи го овој наш македонски простор, време и народ кон вечниот живот во царството Небесно.   

Христос се роди! – Навистина се роди!

 

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

† СТЕФАН

заедно со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква


КИРИЛ – Митрополит Полошко-кумановски
ПЕТАР – Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
ТИМОТЕЈ – Митрополит Дебарско-кичевски
НАУМ – Митрополит Струмички
АГАТАНГЕЛ – Митрополит Повардарски
МЕТОДИЈ – Митрополит Американско-канадски
ПИМЕН – Митрополит Европски
ИЛАРИОН – Митрополит Брегалнички
ГОРАЗД – поранешен Митрополит Европски
КЛИМЕНТ – Епископ Хераклејски

 


На Божик, 2011 година.


dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Беседи

БEСEДА  за задoвoлувањe сo oна штo ни e најпoтрeбнo

БEСEДА за задoвoлувањe сo oна штo ни e најпoтрeбнo

 Пoбeдата e главнoтo задoвoлствo на oниe кoи сe бoрат. А христијанитe сe, браќа, вo нeпрeстајна бoрба, вo бoрба за пoбeда на духoт над матeријата. Вo бoрбата за прeoвладувањe на вишиoт...

Св. Јован Шангајски: Богојавление

Св. Јован Шангајски: Богојавление

За да се овозможи оваа промена, за природата да се подготви за непропадливоста која ќе настапи после судниот ден, Христос дојде на водите Јордански. Слегувајќи во Јордан, Христос не ги...

Старец Георгиј Капсанис: БОГОЈАВЛЕНИЕ

Старец Георгиј Капсанис: БОГОЈАВЛЕНИЕ

Да го бараме од Бога тоа божествено просветлување, за кое некои од нас имаат не каков мал опит. Понекогаш се отвораат душевните очи и гледаме нешто друго. Тој што го...

Митрополитот Струмички г. Наум: „Зошто овој род бара знак – за да поверува?"

Митрополитот Струмички г. Наум: „Зошто овој род бара знак – за да поверува?"

„Зошто овој род бара знак – за да поверува? Од времето кога Богочовекот Христос ги изговори овие зборови, па до денес, ништо не е променето. И ние денес, исто така,...

Отец Пимен: И додека го чекаме Рождеството на Христа

Отец Пимен: И додека го чекаме Рождеството на Христа

Ако стоите со срцата далеку од Бога Новородениот не кажувајте дека Христос се роди. Не одговарајте дека Навистина се роди, оти така и Божјата заповед ќе ја скршите што го...

Архива: Митрополит Европски Пимен: Свети Науме имај не на ум

Архива: Митрополит Европски Пимен: Свети Науме имај не на ум

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Која е таа цел?

Која е таа цел?

„За жал, постои незнаење кај луѓето што се надвор од Црквата, но и кај многумина што се во Црквата.Тие мислат дека целта на нашиот живот е, во најдобар случај, само...

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

« »

Најнови вести

Православен календар

 

23/01/2025 - четврток

Свети Григориј, епископ Ниски; Преподобен Амон; Свети Маркијан; Свети Теофан Затворник;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот епископ Ниски, Григориј 10 јануари / 23 јануари 2025

Тропар на светиот епископ Ниски, Григориј 10 јануари / 23 јануари 2025

Словото Божјо привлекувајќи те кон Себе,со мудрост те обдари,о свети епископе Григорие,венец исповеднички доби,кога црквата од ереси ја очисти,

Тропар на светиот Христов маченик Полиевкт 9 јануари / 22 јануари 2025

Тропар на светиот Христов маченик Полиевкт 9 јануари / 22 јануари 2025

Светлината која се покажа на лицето твоеја истера темнината на незнаењето,о, Полиевкте блажен ученику на Љубовта Божја,тебе кого Христос Го...

Тропар на светиот отец Георгиј Хозевит 8 јануари / 21 јануари 2025

Тропар на светиот отец Георгиј Хозевит 8 јануари / 21 јануари 2025

Голем молитвенику пред Господа, подвижнику во смиреномудрието,  учител на монасите во трпението, \ Георгие оче наш преподобен,  застапи се пред Бога...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная