Бројаницата, крстот и иконата не се дадени на користење на луѓето за да ги штитат и да им носат среќа сами по себе, туку сите тие имаат своја употреба преку која треба да ја измолиме заштитата од Бога преку нив.
Дојдов до заклучок дека освен за основната и единствена намена за молење, односно за кажување на Исусовата молитва, која гласи Господи Исусе Христе Сине Божји помилувај ме, која се кажува на секое топче од бројаницата, таа се' почесто се користи како моден детаљ или, пак, како фетиш.
Древните пагански народи имале свои примитивни религии во кои знаеле од некој материјален предмет кој можело да биде и обичен камен, откако ќе се убеделе дека во него пребива некој дух, да почнат да веруваат дека тој има натприродна или волшебна моќ и да развијат однос кон него, да почнат да го носат постојано со себе или да им зазема централно место во нивната заедница. Таквиот предмет денес го нарекуваме фетиш, а култот кон него фетишизам. Од денешна перспектива тоа изгледа многу примитивно и да не речам смешно. И колку да помислам дека тоа се илјадници години зад нас, решавам малку да изгубам време пред телевизор. Вртам програми, се изнагледав ток-шоу емисии оти главно и само тоа го имаше на програмите, во кои продефилираа еден куп народ, што познати, што непознати, но кои земаат залет да бидат познати. Седам, гледам и забележувам дека многумина од гостите носат бројанички. Движејки се низ град гледам дека не само естрадата туку и голем дел од младата популација ги носи. Се обидов некако да се убедам дека тоа е од вера и побожност или во најлош случај дека е моден детаљ. Арно, ама вратив филм и се сетив дека додека бев во манастир посебно за време на ученичките екскурзии се случуваше и тоа многу често децата да прашаат дали има од оние белезици, колби, нараквици, бројаници, молитвеници, амајлии за на рака или од поголемите што може да се користат како синџирчиња за околу врат. Со еден збор, се обидуваа на секаков дијалект, па дури и на описен начин да ни објаснат дека сакаат бројаници. Се сетив и дека многу пати сум бил прашан што треба да прави оној на кој ќе му се скине бројаницата, колку време треба да се носи, дали смее да се бања со неа, дали смее да се симнува од рака, за колку време треба да очекува да му се исполни замислената желба со носењето на бројаницата.
Дојдов до заклучок дека освен за основната и единствена намена за молење, односно за кажување на Исусовата молитва, која гласи Господи Исусе Христе Сине Божји помилувај ме, која се кажува на секое топче од бројаницата, таа се' почесто се користи како моден детаљ или, пак, како фетиш. Со оглед на дел од горенаведените прашања што ми биле поставувани можам да констатирам дека голем дел од оние што ги носат на своите раце бројаничките во разни бои и дезени кон нив развиваат фетишизам, односно веруваат дека самото носење треба да им даде некоја заштита од лошото и да им помогне во дадената ситуација. И за да биде уште пострашно, фетишизмот не завршува тука. Истиот однос најчесто го имаме и кон крстот што го носиме како симбол околу врат, а во поново време и како тетоважа или, пак, со иконите по домовите. Очекуваме ако крстот го носиме постојано со нас дека од нас треба да бега секое искушение. Или, пак, кога станува збор за иконите по домовите очекуваме дека ако ја закачиме како слика или декор во домот дека тој дом треба да биде чуван од Бога и никогаш да не биде обеспокојуван. И сега треба да ги разочарам сите оние што така мислат бидејќи православието не е фетишистичка религија, односно дека не е вера која верува во симболи и предмети што носат среќа или не' чуваат од зло. И сите овие три работи што ги споменав бројаницата, крстот и иконата не се дадени на користење на луѓето за да ги штитат и да им носат среќа сами по себе, туку сите тие имаат своја употреба преку која треба да ја измолиме заштитата од Бога преку нив. Бројаничката не е само за носење на рака и да не се симнува додека сама не се скине и падне, туку напротив таа треба многу често да се симнува од раката и да се молиме на неа користејќи ја погоре споменатата Исусова молитва, а на рака се носи за да ни биде секогаш при рака за да можеме да се помолиме на неа кога имаме зададено молитвено правило од духовниот отец или по потреба. Крстот сам по себе не игра никаква улога во нашето спасение ако го користиме само како симбол со кој се декларираме како христијани и за да не' разликува од припадниците на другите религии или, пак, ако го носиме, а не сме сигурни дали е крст или плус. Крстот заштитува ако ние со вера го носиме и со вера преку крстот од Бога молитвено бараме заштита.
Ако ја избереме иконата во зависност од тоа каква боја ни е мебелот, ако не знаеме дури ни кој светител е изобразен на неа, туку да ја земеме затоа што бил симпатичен светецот што е насликан на иконата, ако еднаш ја обесиме на некој од ѕидовите и ја заборавиме таму или, пак, затоа што е скапо платена ја покажуваме на гостите како значаен дел од покуќнината, што треба да очекуваме од неа, да ни го чува домот? Не смееме да ја третираме иконата како систем за обезбедување на куќата. Ако е за таа намена, за тие пари може да се земе дури и некој пософистициран систем за обезбедување. Не смееме да ја третираме ни како батерија, да мислиме дека онаа енергија што ја акумулирала за тие 40 дена додека била во храмот за осветување сега постепено ќе ја рефлектира низ домот. Иконата не е обична слика. Таа ни е прозорец кон вечноста и лик на некој човек што поживеал на светот и со својот богоугоден живот се осветил и сега е светител што престојува пред лицето на Бога и ние преку него можеме да го испросиме тоа што го бараме од Бога. Иконата може да биде и икона од Исус Христос второто лице од Пресвета Троица, Синот Божји, па директно од Него да побараме помош. Ако ние развиеме личносен молитвен однос со светителот кој е изобразен на иконата и што почесто застануваме и се молиме пред неа, можеме да се надеваме на услишување на нашите молитви.И сега, ако од оваа перспектива погледнеме на денешнава ситуација, нели се добива впечаток дека завршуваме со оддалечувањето од ерата на фетишизмот и се подготвуваме или веќе сме јурнале наназад кон враќањето кон древноста и примитивноста. Ќе кренеме рачна на време и ќе се обидеме пак да се оддалечиме од неа преку едукација или ќе си останеме жртви на помодарството и фетишизмот? Одлуката е по избор.
Европски Митрополит Пимен
Друго:
Митрополит Европски г. Пимен-Веронаука ќе нè спаси од паганство и суеверие
Посети:{moshits}