Здодевност прва
Во минатиот понеделник (или во вторникот) објавија дека во недела ќе се намалат температурите за 5-6 степени. Ќе дувнел ветер од север... Во саботата во 19.30 седнав на тераса, чекајќи го настанот. Почна да дува во 20.00. Што ти е метеорологија!
Станува здодевно... Не може ни ветре да те изненади. Однапред знаеш кога ќе дувне, кога ќе паднат првите капки дожд... А порано! Одиш на кино, времето тивко, ведро... Излегуваш од кино-салата по час и половина, а надвор – истура дожд. Стоиш под стреа додека не преврне, изненаден, а сепак – да видиш чудо – не ти е здодевно.
Здодевност втора
Поминаа Петровите пости. Посен кашкавал, посна паштета, посна урда... Има ли нешто мрсно во маркетите, човек со мерак да падне во искушение? Вака, сè можеш да јадеш и ништо (мрсно) не може да те изненади... Не е интересно. Не е искушенички. Постот станува здодевно посен.
Златни времиња кога за време на постот јадевме леб и мармалад....
Здодевност трета
Како студент, купував дневно по 4-5 цигари. Кибрит не купував. (Тогаш немаше запалки на плин, само на бензин.) Стојам на улица и чекам да помине некој со цигара во уста. „Ве молам, да запалам...“ Човекот ја вади цигарата од устата, јас припалувам, и се разделувам од ближниот исполнет со зачадена благодарност...
Годинава во Македонија донесоа од Благодатниот оган. Се рашири меѓу верниците со брзина на светлина. Сега малку-малку, па одам по комшии и пријатели. „Да не ви гори уште благодатниот оган? Ми изгасна кандилото.“ Каква негрижа! А, да не е од здодевност? Ни здодеал Благодатниот оган – не сме навикнале да внимаваме на светиња подолго од 24 часа...
Здодевност X-та (ова Х е икс, а не римско 10)
Слушам вести. Синот си го убил татка си (или беше обратно?) со секира. По некоја недела, слична вест... Станува тривијално. Барем да кажат дали отепаниот е отепан со тапата или со острата страна од секирата!
Па вести за некои педофилии, родосквернавења, инцести... А портпаролот на МВР рутински стручно објаснува кој-како-каде-зошто. Сум забележал дека двапати досега на такви вести сум се проѕевнал. Да не е од здодевност? Недај Боже...Па, за живот и смрт се известува!? Или, пак, животот и смртта веќе станале здодевни?
Здодевност С (ова С е Ц на латиница, само што не е Ц, туку е 100)
Веќе е здодевно да се зборува за светската рецесија. Затоа нема да ви здодевам со причините и со последиците на рецесијата. Само ќе напоменам две работи.
Како прво, зошто сме толку изненадени што доаѓа до рецесија во овој паднат свет? Треба да сме изненадени кога ни оди добро!
Како второ, би сакал да истакнам еден проблем којшто е поврзан со рецесијата. Американската влада одобрила cca 1000 милијарди долари за излез од рецесијата. Без притоа да спомене како ќе се избројат тие силни пари. Ако се во апоени од 1000 долари, ќе треба да се избројат милијарда новчаници! Знам дека има автомати за броење, ама, сепак, нема ли да стане здодевно да изброиш една милијарда новчаници...
Добро е што нашата влада вели дека не сме во рецесија. Замислете – недај Боже – да сме во рецесија и владата да мора да одобри некоја милијарда долари за излез од кризата? Мислам дека во Народна банка имаме долари во апоени по 50, максимум по 100 долари. Тоа се десетина-дваесет милиони новчаници! Какви сме, ќе ни здодее броењето по првата десетилјадита новчаница....
Ништо интересно нема во рецесијата. Чист дестилат на здодевност.
Здодевност n-та
За градиме-не градиме црква на плоштадот во Скопје, е веќе банално да се зборува. Никој веќе не го интересира самата црква, туку нејзината конкурентка – џамијата... (заборавив како ја викаа). А, згора на тоа, колку повеќе цркви имаме, толку е поголема опасноста да ни се обрати некој од ангелите на црквите и да нè искара. Затоа, да си седиме мадро, доста ни се и овие 5-6 цркви во градов...
Ја препрочитав внимателно Апокалипсата. Нешто не стекнав впечаток дека на луѓето во предапокалиптичното време им е здодевно. Добро е. Тоа е знак дека сме далеку од Апокалипсата. (Испаѓа – поарно во рецесија, одошто во апокалиптика.)
Не ме загрижува што ми е здодевно во овој паднат свет. Но, што ако ми здодее во Небесниот свет (седно дали во адот или во неговиот антипод)? Замислувам како му се обраќам на дежурниот во адот: „Може ли да земам слободен викенд. Ќе одам ден-два во Рајот“. А тој вели: „Што е, веќе ти здодеа?“
Просто човек да се запраша: Што е полошо – да располагаш со слободна волја, или со можноста да ти стане здодевно?
Автор: д-р Драган Михајловиќ
Посети: {moshits}