Пред ѕидовите на Црквата
Сергеј Фудељ
*
Молењето без икона е тешко. Иконата го собира во себе вниманието на молитва, како што леќата во себе ги собира расеаните зраци во една загреана точка. Иконата е – така нè учат отците – потврда за реалноста на човековата плот на Христос. Оној којшто ја негира иконата, не верува во реалноста на Боговоплотувањето, т.е., во човековата природа на Богочовекот.
*
Христијанството не умира со умирањето на иконата како историски факт. Догмата за иконата има вечна смисла, којашто ја одразува вечната реалност на вочовечувањето на Бога. Но, самите икони може и да ги нема. Се сеќавам како луѓето се молеле во затвор, стоејќи пред празен ѕид. Да се молиш во затвор е и тешко, и лесно. Тешко е затоа што ќелијата со сета тежина ти натежнува врз плеќите, и сето она што му е во умот на секој затвореник, е и во твојот ум. Лесно е затоа што, кога го надминеш сето тоа, тогаш навистина стоиш неколку мига пред „вратата на Царството“. Во затворот „Господ е блиску, пред вратите“. А колку тоа му противречи на востановениот со векови поим „православен“, ми стана јасно во една пригода.
Имаше во ќелијата и еден постар „бел“ офицер, кој порано војувал на фронтот, вистински Рус. По една таква моја молитва пред празен ѕид, тој ме праша: „Вие сте секташ?“. И ми стана јасно дека без икона можеш да се молиш, доколку ја нема, а без смирение, т.е., без осуда, на пр., на тој човек – не можеш.
*
Но иконата е – светиња, свет спомен на Бога. Старецот Серафим (Батјугов) во една пригода раскажал: „Додека уште служев во храмот посветен на Кир и Јован, ме повика една парохјанка да отслужам молебен во нејзиниот дом. Откако го завршив молебенот, зедов света вода и тргнав да ги оросам собите и стварите. Кога дојдовме до еден плакар, таа ги отвори вратите од плакарот за да го оросам со света вода. Наеднаш ме обзеде необично чувство на возбуда: точно пред мене се отвори врата во нешто свето, свештено. Почнав да прскам со света вода, ништо не разбирајќи и само треперејќи пред нешто. И ете – можете ли да си замислите! – многу време подоцна во тој плакар била поставена, поради затворањето на нашиот храм, големата икона на светите маченици Кир и Јован, и останала таму низа долги, тешки години“.
*
Се сеќавам како во почетокот на 30-тите години го затворија и нашиот храм на Арбате, таму каде што сега е „Диетален магазин“. Ден-два пред тоа некако разбрав за затворањето и дојдов да се простам. Во храмот веќе не се одржуваше служба, и тој беше празен. Влегов и почнав да ги целивам иконите, како да се живи луѓе. Неодамна си спомнав за тоа, гледајќи ја иконата на Спасителот, и повторно почувствував како од светот си заминува иконата на Христос. Од светот заминува ликот на Христос – и во буквална, и во таа „иконска“ смисла. Човека од тоа го обзема неиздржливата тага...
*
Светоста на човекот е неговата благодатност, негова исполнетост со благодат Божја. Ние денес речиси и не разбираме што е благодатност, и затоа нема подалечен и позагадочен поим за современата црковност од поимот светост. Реалната, т.е. несимволична светост веќе одамна се заменува во црквата со нејзините словесни знаци – титули. Тоа е еден од знаците на отврдувањето на христијанството во историјат: Церката боледува и на Исток и на Запад од тешка и дамнешна болест на окаменување. И, во исто време, ние знаеме дека, без оглед на таа болест, Црквата живее како Света. Нејзината Светост не е само во Светоста на нејзините таинства, туку и во нејзината реална Светост, можеби во Светоста на нејзините праведници непознати на светот, во верата на простите срца.
*
Болеста на Црквата е во сите нас. Кога искрено ќе се спознаеш самиот себе во тој болен дел од црковното општество, тогаш нема да се плашиш, следејќи ги Големите Отци на Црквата, да го признаеш самиот факт на болеста, и во исто време, од одредени причини во радоста на срецето почнуваш да ја чувствуваш непобедливата Светиња на Црквата.
Митрополитот Антониј (Блум) вели: „Во Црквата има два аспекти: аспект на славата и аспект на трагичноста. Трагичниот аспект на Црквата – тоа е секој од нас... Ние сме веќе во Црквата и уште сме на патот кон неа“.
*
Една праведна селска старица била на умирање, и ја замолила ќерката да појде до свештеникот, за да ја причести. Но, до црквата било мошне далеку, била зима, и ќерката не заминала. Ноќта старицата ì рекла на внуката, шестгодишно девојче: „Дај ми вода да се напијам“. И, кога ì ја подале чашата, слушнале пеење: “Тело Христово примете”.
Отецот Серафим (Батјугов) велел: „Ако нема каде да се причестите, а ја чувствувате неодложноста од причествањето, прочитајте го целото „правило“ пропишано за причест, а потоа препуштете се на волјата Божја“.
*
Во еден логор во 1923 година со првите пароброди биле довезени и голем број епископи. Со еден епископ доброволно допатувал и негов ќелијник-монах и еден „слободен“, момче на 20-тина години, кој веднаш го привлече нашето внимание. Тој го зел врз себе подвигот на мочење, со никого не разговарал, а кога било потребно, се служел со знаци. Тој бил духовно чедо на споменатиот епископ. Ги паметам неговите добри и некако весели очи. Тој одеше бос, во долга кошула без појас. Тој еднаш ноќеваше кај мене. Јас сето време очекував дека ќе остане на долга молитва, па дури и да се „удира со синџири“, како во „Детсвото и младоста“, но тој само ме праша нешто со знак, се насмеа, се прекрсти и си легна. И наредниот ден ме зачуди и восхити со своето однесување. Седна на еден сандак до вратата. Претпоставувајќи дека ќе седне таму, оставив на сандакот неколку книги: „Подвижници на благочестието на XVIII и XIX век“. „Ете, – си помислив во својата глупост, – тој ќе се израдува.“ А тој отвори една од книгите, ја погледна, ја затвори и веќе не ја допре.
Ние зборуваме, пишуваме, читаме за подвизи... а подвижниците молчат и го извршуваат подвигот.
*
Црковниот раскол е не само глупост, туку и гордост. Првиот позначаен раскол (монтанизам, во II век), инсистирал на тоа дека откровението на Светиот Дух, коешто постои во Црквата, не е доволно, а ете денес ние (монтанисти!) ја очекуваме полнотата на откровението. Значи, кај нив не постоел само дисциплинарен раскол со цел јакнење на внатрецрковната чистота и дисциплина: во постењето, во бракот, во прифаќањето на паднатите, – туку и одрекување на духовноста на Црквата, припишувајќи си ја таквата состојба само на самите себе. Што се однесува до моралните критериуми како причина за раскол, недозволиво е од мистичен факт да се изведува рационалистички, административенн заклучок: според некакви признаци да се делат верните на „свети“ и на „не свети“, коишто подлежат на одлачување. Кој во нас ги гледа наши внатрешни пороци: гордоста, злобата, лицемерието, неверието, студенилото? Каде е оној критериум на светост, кој би ни бил даден толку јасно, што би можеле со него да направиме некаква морално-хемиска анализа?
Само Светата Црква е Црква, но постоењето на Светата Црква е тајна којашто нам не ни е целосно откриена: со нашите очи не можеме директно да го видиме Телото Христово. Ние можеме да тврдиме дека, за да се биде во Црквата, треба да се биде во вистината, во Светињата Божја. Но кој, имено, во дадениот момент е во вистината а кој не е – ние не знаеме. Затоа Господ и рекол: „Не корнете го плевелот, за да не го искорнете со него и житото“. Ова треба да се разбере, пред сè, во смисла дека сега јас, и ти, или таа сме – плевелот, а по еден час и јас, и ти и таа може да станеме жито, или, како што рекол св. Иринеј Лионски, „човекот самиот е причина што еднаш е пченично зрно, а еднаш слама“. (Против ересите, кн. 4, гл. 4).
*
Влегува девојка во храм без марама, или стои во храмот на страна, не разбирајќи уште ништо – и веднаш ì се нафрлаат, како јастреби, жени „заштитнички на уставот“ и ја исфрлаат од храмот. Можби таа веќе никогаш нема да влезе во него. Се сеќавам, еден свештеник ми рече дека „оформувањето“ на атеизмот кај неговата ќерка се случило во храмот под впечатокот стекнат од таквите старици. Борба со нив, се чини, никој не води. Впрочем, слушнав дека намесникот на еден манастир неодамна одбил да причести една таква ревнителка на црковниот устав. „Ти мислиш дека си тука газдарица? – со заканувачки глас ì се обратил пред сите од амвонот. – „Не ти, туку Мајката Божја“.
*
Сум сретнал свештеници, неверници, коишто се гордееле со познавањето и придржувањето до црковниот устав. Тие го исполнувале она што било создадено во манастирите на Византиското средновековие, немајќи притоа Евангелска вера. Без неа, пак, секое „типиконство“ е нешто крајно мачно, духовно неподносливо: страшната празнина на црковната реалност типиконството ја прекрива со покривало на византиско спокојство – „Кај нас е, ве молам, сè како што треба. Ние ги испеавме сите 10 стихири, а не само 9, и имено со шести, а не со петти глас“.
Уставот повикува кон молитвен подвиг, т.е., кон „победување“, а не кон „угодување“ на плотта и, сфатен на тој начин, тоа е свето оружје на духовната борба. Опасноста од уставот почнува тогаш кога се заборава неговата историска условност, и него почнуваат да го догматизираат, издигајќи го на ниво на догма. Тогаш и започнува она „цедење на комарци и проголтување на камили“, односно замена на христијанството со старозаветна обредност.
Уставот не треба да се занемарува и пренебрегнува, но притоа секогаш треба да се има на ум дека „саботата е заради човекот, а не е човекот заради саботата“
*
Црквата се нарекува апостолска не затоа што содржи кажувања, молитви и правила дадени само од апостолите, туку затоа што таа, покрај сето она што е добиено од апостолите, го добива, во текот на сиот свој историски живот, преку други светии истото она што го добила и од апостолите. Апостолите ја подигнале Црквата, но со неа управува Оној Кој ги подигнал апостолите и Кој рекол: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот “.
Светото Предание е она божествено просветление коешто е веќе дадено, и повторно ì се дава на Црквата сега, секогаш и во сите векови.
Но, освен Преданието со голема буква, зад оградата на Црквата има уште многу преданија со мала буква, во кои спаѓа севкупноста на разни обичаи на помесни и обласни цркви: понекогаш добри, понекогаш помалку добри или, дури, лоши. Благодушно можат да се трпат дури и лошите обичаи, но не треба да се поврзуваат со апостолите, односно со Светото Предание на Црквата, коешто може да живее во разни форми: и во простотата, и во сложеноста на црковниот обред, но коешто е секогаш едно во својата духовност. Таа Светиња на Преданието е постојано, вечно ново раководење на Церквата од Светиот Дух.
Еве ја простотата на апостолското служење на Литургијата во Троада, во домот на ученикот: „И во првиот ден на седмицата, кога се беа собрале учениците за да прекршат леб... Павле прекрши леб, вкуси, и зборуваше долго, дури до зори, а потоа отпатува“. Тој „брзаше, ако му биде можно, во Ерусалим да се најде за денот на Педесетница“ (Дела 20), каде што, како што самиот знаел, го чекале окови и мака. И еве поинаква Литургија, извршувана во богатството и во спокојството на XVIII или XIX век, на пр., од преп. Серафим, од Тихон Задонски или Јован Кронштатски. На престолот скапоцени метали, разнообразен обред создаден во вековите, се пеат молитви сосема непознати во апостолското и послеапостолското време. И ете, зарем не гледаме, — не смеејќи да ги подигнеме очите, — дека и темноцрвената свила и срма, и среброто на престолот се пронижани со истиот скапоцен зрак на апостолска благодат, дека самата материја ги претвора во непропадливост, дека ние никаде не сме излегле од првохристијанството. Блиску до светите од сите векови, ние чекориме по земјата на Првоначалната Црква. „Духот дише каде што сака“.
Но Црквата не само што пребива онтолошки во Троада, туку таа и историски оди кон неа, и ние треба да ја спознаеме, од една страна, таа „еднаквост“ на Троада и на Саров, а од друга, тоа дека Троада е – почеток и крај на црковниот пат, почеток и крај на црковната историја.
Подготви: д-р Драган Михајловиќ
1. Пратено од bobi , на 23-02-2010 20:43 bravo.mi olesni malko jas ponekogas se prasuvav sto se slucuva niz nasite crkvi a i toa mnogu me izmacuvase blagodaram.Vecna Ti slava Gospodi i neka bide voljata Tvoja |
2. Пратено од L.P., на 23-02-2010 19:24 Ние зборуваме, пишуваме, читаме за подвизи... а подвижниците молчат и го извршуваат подвигот. |
3. Пратено од Драган Михајловиќ, на 03-03-2010 10:50 Текстот тешко дека може да ја долови сета длабочина на мислата на авторот. Оние коишто го разбираат рускиот јазик,може да уживаат духовно во прекрасната аудио-изведба на книгава ( MP3 формат): http://predanie.ru/mp3/Fudel_S_I/ |
4. Пратено од Драган Михајловиќ, на 03-03-2010 12:12 Еве уште 3-4 реченици од книгата: Треба уште еднаш да се замислиме над заповедта на апостолот за постојана молитва. Откако ќе завршиме со молитва, или откако ќе „отстоиме“ на богослужба, ние обично почнуваме да се гордееме. Нашите молитвени паузи се исполнуваат со високоумие, стекнато од штотуку завршената молитва, односно тие паузи се исполнуваат со одрекувањето на смислата на молитвата: ние штотуку завршивме со многукратно повторување на „помилуј ме“, а во настанатата пауза ние задоволно и изморено воздивнуваме, без воопшто да имаме на ум дека треба да бидеме „помилувани“. Прекинувањето на молитвата создава благопријатна почва за никнување на гордоста. Потоа во нас се пројавува некаква особена послемолитвена лекомисленост и негрижа („јас се помолив, и сега е се во ред“), од кои произлегуваат сите оние послемолитвени искушенија, за кои постојано предупредувале светите отци. Во постојаната молитва се содржи духовната логика на молитвата којашто, пред се, е поврзана со вкоренување на совршената искреност на нејзиното смирение, т.е., се содржи самата суштина на молитвата. Јас не можам а да не се молам постојано, зашто мене, имено, и ми е потребна постојана Божја помош. И зошто јас треба да се гордеам ако постојано ја барам таа помош? Па, ние не се гордееме со своето физичко дишење, со неговата непрекинатост, ние умствено воопшто не го забележуваме нашето дишење, не го оценуваме – ние просто дишеме. Така и молитвата треба да стане незабележлива простота на постојаното дишење. |
5. Пратено од O.M.O.N. , на 03-03-2010 20:32 Да, Драган, првите деветнаесет години е така! Прости ми ти, и сите останати... |
6. Пратено од ..., на 03-03-2010 23:48 'Духот дише каде што сака' |
7. Пратено од Протоиерей Николай Балашов, на 05-10-2010 13:34 А не было ли в Македонии "бумажных" изданий произведений Сергея Фуделя? Мне это интересно, так как я готовлю уже второе издание его биографии. |
8. Пратено од Протоиерей Николай Балашов из Ро, на 05-10-2010 13:37 А не было ли в Македонии изданий произведений Сергея Фуделя? Мне это интересно, так как я готовлю уже второе издание его биографии. |
9. Пратено од Mihajlovic Dragan , на 05-10-2010 19:28 |