ГОРАН ТРЕНЧОВСКИ - КИНО НЕИМАР
Кино неимар е петта книга на Горан Тренчовски. Таа се разликува од претходните негови книги по многу нешто. Најпрвин, оваа книга колку и да се обидуваме да ја сместиме во некој од видовите по првична индикација, самата за себеси не е ниту фикција или белетристика, не е ниту научно дело или естетска студија. Најблиску до опис на Кино неимар е можеби детерминантата, дека, тоа е еден вид на хроника, на референтна творечка биографија во која што авторот печати сопствена поезија од раната младост, драмски текстови кои му служеле за некои од неговите претстави, та дури и сценарија од неговите филмови.
Во Кино неимар е отпечатен и изводот од книгата на родените, но, и фотографии од некои плакатаи од старите струмички кино и театарски репертоари. Во оваа книга има и драматични сеќавања од времето кога Тренчовски морал да преспива во собите за монтажа, од страв некоја виша сила да не му открадне филмски материјали неопходен за филмовите што ги монтирал. Има и естетско пледоаје од Зоран Стефановиќ, долгогодишен пријател и соработник на авторот, писател од Белград, ги има десетте правила кои што Тренчовски ги смета за свое кредо пар екселанс визави режијата како уметнички занает, го има неговиот псевдоним и објаснението за истото од страна на неговата почитувана г-ѓа Софија Тренчовска, има интервјуа дадени во нашите медиум во различни временски периоди, слики од татко му, мајка му и син му Лука, ги има книгите кои би ги понел на пуст остров со себе, има и многу други нешта.
Кино неимар е издание на самиот автор и на Македонска реч. Печатена е на 176 странички, оваа година, со многу илустрации и апендикси за театарското и филмското творештво на авторот. Тоа е модерна книга, лесно прочитлива и Љубопитните ќе ги интегрира со својата еклектична поставеност, но, и со запознавањето на една топла,човечка природа како што е самиот Тренчовски.
Знаејќи ги напорите на овој наш долгогодишен пријател да ја афирмира родната Струмица на секој можен начин и со особен културолошки дигнитет, Тренчовски таа сопствена особина ја продолжува и во своето последно книжевно дело, доловувајќи ни пикантни детали од неговото искуство како природен и енпатски дел на струмичкиот театар и кино, но, исто така, и како оснивач на филмскиот фестивал Астерфест кој станува културна акција и бренд за убавата Струмица.
Македонските интелектуалци, оние што дејствуваат во полето на егзактните науки, а многумина и од оние кои што дејствуваат во културата, многу често ги краси една непретенциозна особина на скромност. Горан Тренчовски иако дваесет години се занимава со творештво и култура, останува скромен дури и стоицистички знае да се однесува наспроти многу проблем кои што животот знае да ни ги зададе на секој од нас, па така имаме впечаток, дека, и во Кино неимар кога тој култивира некои сопствени размисли за политиката, тоталитарната задумност на минатото време или мошне беновалетно бара да се водведе признание во чест на Абаџиев, дури и во таквите моменти, Тренчовски дејствува како стоицистички следбеник на бескрајната потреба да се твори. Дали создава како режисер, писател, организатор на фрестивали, сосема е сеедно - главно да се твори и да се создава нов свет, поарен од секојдневието и ослободен од напнатоста.
Како и да е, плаузабилноста на Тренчовски која што ја согледале многу угледни луѓе застапени во апендиксите на книгата, се движи спирално. Иако тој многу нешта ги доживува како сценска игра, сепак, сериозноста на оваа хроника ни дава за право да му советуваме на г-дин Тренчовски да продолжи да создава во сите области на неговиот интерес и да и нуди на македонската интелектуална јавност, со секоја своја нова постапка, поинаква, помодерна и несекојдневна културна акција или уметничко дело. Тоа го очекуваме од овој наш творец докажан во многу полиња и преполн со елан за нови докажувања.
д-р Сашко Насев
Друго:
http://preminportal.com.mk/content/category/22/111/160/