логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

(ОБНОВЕНО)

Преподобен Паисиј Светогорец

УТЕХА НА ЦЕЛИОТ СВЕТ

Во својот ум или срце не би требало да имаме дури ниту една помисла, ниту добра, ниту лоша, зашто тоа место во нас ѝ припаѓа на божествената благодат.
Наша обврска е срцето да го сочуваме чисто, не само од помисли, туку и од најблагото и најнедоловливото колебање на духот. Тоа можеме да го постигнеме само ако огнено Го љубиме Христос и непоколебливо веруваме во Него. Со тоа ќе стекнеме смиреноумие и божествената благодат ќе се обнови во нас, зашто таа им се дава само на смирените: „Бог им се противи на гордите, а на смирените им дава благодат“ –  преподобен Паисиј Светогорец.

Старец Паисиј е роден на 6 август 1924 година, во Фараса, Кападокија, во Мала Азија. Неговиот татко, Продром, побожен човек, бил градоначалник на Фараса. Продром чувствувал длабока стравопочит и љубов кон отец Арсениј (подоцна свети Арсениј Кападокиски), духовен отец на целото негово семејство. Мајка му на отец Паисиј се викала Евламбија, а тој имал уште девет браќа и сестри.

    На 20 август 1924 година, една недела пред големата емиграција од Фараса во Грција, свети Арсениј одлучил да ги крсти сите деца, вклучувајќи го и синот на Продром. Детето требало да се вика Христо, како што се викал неговиот дедо, но свети Арсениј не го прифатил предлогот, сакајќи на детето да му го даде своето име. „Сфаќам дека сакате некој да биде наследник на дедото, но зарем и јас не би можел да посакам монах кој би бил мој наследник?“ На тој начин свети Арсениј го прорекол повикот на идниот Старец Паисиј, кој уште од раното детство бил избран да биде сад на Светиот Дух.

    На 27 септември 1924 година, на празникот на Воздвижение на Чесниот Крст, побегнатите од Фараса, после многу искушенија, најпосле стигнале во пирејското пристаниште во Грција. Во Пиреја останале три недели, а потоа отишле на островот Крф. Како што и самиот прорекол, свети Арсениј на островот живеел само четириесет дена. Се упокоил на 27 ноември, на осумдесет години. Најпосле, младиот Арсениј и неговото семејство се населиле во Коница, во Епир.

    Срцето и умот на младиот Арсениј целосно биле посветени на Христос и Пресвета Богородица, и во него преовладувала желбата да се замонаши. Сакал да шета низ шумата и по цел ден да се моли. Откако завршил основно училиште, во Коница работел како столар сѐ до неговото заминување во војска. Имал многу сочувствителна и нежна душа. Кога некој ќе се упокоил и ќе му порачале да изработи ковчег, никогаш не земал пари од роднините на починатиот. На тој начин сметал дека придонесува во олеснувањето на болката и тагата на семејството.

    Во 1945 година заминал во војска, каде што се истакнувал со својот карактер и храброст. Секогаш сакал да биде во првите борбени редови или да учествува во најопасните операции за најпрво неговиот живот да биде доведен во опасност. Посебно се грижел за војниците што имале жена и деца, па обично им кажувал: „Тебе те чекаат жена и деца, а јас немам никого, слободен сум“. Подоцна говорел: „За чувствителниот човек е подобро самиот да загине – за да го заштити својот ближен, отколку да покаже негрижа и кукавичлук, па целиот живот да го мачи грижа на совеста.

Еднаш, за време на граѓанската војна, во некоја воена операција бунтовниците нѐ одвоија од селото. Војниците фрлаа коцка кој да оди во селото за да земе некои работи што ни беа потребни. Тогаш им реков: ’Јас ќе одам‘. Ако одеше некој неискусен или невнимателен, можеби ќе го убиеја, а после ќе ме мачеше совеста. ’Подобро да загинам јас отколку некој друг, а после цел живот да ме мачи совеста. Како би живеел со тоа?‘ Совеста ќе ми говори: ’Можеше да го спасиш. Зошто не го направи тоа?‘“ „А уште и постев и бев гладен... Тогаш командантот ми рече: ’И јас би сакал ти да појдеш, зашто ти и ѓаволот на мраз ќе го потковаш, но прво треба да јадеш за да имаш сила‘. Зедов пушка и тргнав. Непријателите мислеа дека сум од нивните и ме пуштија да влезам. Дојдов во селото и влегов во една двокатна куќа. Таму најдов една старица. Таа ми даде сѐ што ми беше потребно и така се вратив кај моите.“
Многупати му се случило речиси да загине спасувајќи нечиј друг живот. Најголем дел од времето бил во службата за врски, а во 1949 година бил ослободен од воените обврски.

    Честопати, подоцна, како монах, од големо смирение велел: „За Христос ништо не направив. Барем десет проценти да направев за Христос од она што го правев во војската, денес ќе правев чуда! Затоа подоцна како монах кажував: ’Во војска претрпев толку маки за татковината, а што трпам сега за Христос?‘ Со други зборови, во споредба со маките што ги имав во војска, во монаштвото се чувствував како принц – без оглед дали имав двопек или не. Знаеш ли како постевме за време на некоја операција? Јадевме снегулки. Моите другари бараа, па наоѓаа по нешто за јадење, а јас со радио апаратот не можев ни да мрднам. Во една ситуација бевме гладни тринаесет дена. За сето тоа време ни дадоа само по еден леб и половина харинга. Вода пиев од отпечатоци од копита, и тоа не чиста, туку матна од калта. (...) Подоцна, кога станав монах, водата за мене секогаш беше благослов, дури и кога внатре имаше инсекти. Било како било, барем личеше на вода“.




Пламен што гори, а не изгорува...

Кога човек со ревност влегува во борбата што му претстои во овој живот,
тогаш тој во себе носи и божествен пламен. Тој пламен му дава радост, смелост,
му дава пожртвуваност. Тоа е она што Господ рекол: „Дојдов да фрлам оган...“
– преподобен Паисиј Светогорец

Откако отслужил војска, без колебање се упатил кон Света Гора, бидејќи веќе имал одлучено да се замонаши. Во 1950 година пристигнал на Света Гора и најпрво стапил во послушание кај добродетелниот подвижник отец Кирил (подоцна игумен на манастирот Кутлумуш). Меѓутоа, не можел да остане покрај отец Кирил како што се надевал, па бил испратен во манастирот Есфигмен. Во 1954 година бил потстрижен за монах со името Аверкиј.
Младиот Аверкиј покажувал пламена ревност кон послушанието. Кога заедно со останатите монаси бил вклучен во различни заеднички послушанија, се обидувал да остане сам и непопречен за да може да се моли. На пример, кога сите заедно работеле во маслиникот, тој останувал на растојание од стотина метри, совесно извршувајќи го своето послушание, додека истовремено бил во состојба на духовно созерцание.

    Темелно ги изучувал житијата на Светиите, изреките на пустинските Отци и книгата со поуки од свети Исаак Сирин. Оваа книга секогаш ја држел под перницата. Кога ќе го завршел своето послушание, не заминувал во својата ќелија да се одмори, туку им помагал на другите монаси побргу да ги завршат своите послушанија. Не можел да си допушти да ужива во мирот и тишината на ќелијата додека другите сѐ уште работеле. Својата помош најчесто им ја нудел на најслабите. Ги сакал сите, без разлика, и секому му бил смирено послушен, секогаш сметајќи се себеси за последен.

Постојано наоѓал начини да се подвизува, бил немилосрден кон себе. „За да примиш дух, треба да дадеш крв . Додека бев во општожитие, за време на една Велика Четириесетница, се обидов тоа да го применам. Ни за влакно не си попуштав, ја вртев бројаницата додека целосно не се растегна. Чувствував таков умор, што паднав на патот и Го молев Бог малку да се подигнам за луѓето да не ме видат, па да зборуваат: ’Еве, монасите паѓаат од подвиг‘. Секој ден вкусував мачеништво. Во четвртокот пред Лазарова сабота, вечерта, додека се молев во ќелијата, почувствував едно умиление, радост, и некаква светлина ме облеа; од очите ми потекоа солзи, еден умилен плач. Ова ме држеше десет минути и многу ме поткрепи; духовно ме потхрани за десет години.“

    Верувал дека благодатта Божја е единствената причина за секое добро. Од длабокото смиреноумие што го поседувал секогаш се обвинувал себеси за секое зло што ќе се случело. Кога ќе видел дека некој друг паднал во грев или одбивал да се покае или нема вера во Бог, ќе си помислел: „Моја вина е што еден од моите браќа се нашол во толку тешка положба. Ако постапував според Божјата волја, Он би ги услишал моите молитви и мојот брат немаше да се наоѓа во толку непријатна ситуација. Мојата расипаност ја предизвика несреќата на мојот брат“. Секогаш размислувал на овој начин и се обидувал туѓиот проблем да го претвори во свој. Непрестајно Му се молел на Бог да им помогне на сите луѓе кои, како што смирено мислел, страдаат поради неговата небрежност и духовна мрзеливост.

Така, кога подоцна го прашале: „Старче, што да бараме во молитвата за целиот свет?“, тој одговорил: „Сите да стигнат во рајот. Христос се жртвуваше за сите луѓе да се спасат, како оние што стојат близу до Него така и оние што се далеку. Значи, да се молиме сите луѓе да Го познаат Бог, да Го возљубат, со својот живот да Го израдуваат и да се спасат; да одат во рајот. Некој  рекол: ’Боже мој, живеев во рајот уште овде на земјата. Сега мене стави ме во пеколот, а мојот брат во рајот‘. Но кога еден таков човек ќе стигне до пеколот, поради својата голема љубов што би се пренела и во пеколот, мислам дека и тоа мало делче од пеколот би се претворил во рај, зашто таму каде што постои љубов, таму е Христос, а каде што е Христос, таму е рајот“.

    Секој ден тежнеел кон очистување на душата. Не барал ништо од Бог, зашто многу добро знаел дека Бог, преку Светото Крштение, му го подарил најскапоцениот дар на светот – благодатта на Светиот Дух. Негова најголема грижа било како да ја поттикне Божјата благодат да дејствува во него што е можно повеќе.


Подвизи


Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови;
срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог.
И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо,
каде што ќе ги положи пилињата свои, а јас при олтарите Твои,
Господи на силите, Цару мој и Боже мој!
(Пс. 83, 2-3)

    Во 1954 година, советуван од својот духовен отец и како последица на околностите, го напуштил манастирот Есфигмен и се преместил во манастирот Филотеј, каде што неговиот чичко, исто така, бил монах. Манастирот тогаш бил идиоритмиски. Аверкиј му станал послушник на отец Симеон, исклучително добродетелен монах. Во 1956 година отец Симеон му дал мала схима и ново име, Паисиј, во чест на архиепископот Паисиј II Кесариски, кој исто така дошол од Фараса,  Кападокија. И во овој манастир Старец Паисиј ја продолжил својата ревносна подвижничка борба, помагајќи им на сите можни начини на сите монаси во манастирот. Во 1958 година бил замолен некое време да престојува близу неговото родно село во Коница за да им ја понуди својата поддршка на верните против прозелитизмот на протестантите, мисија што ја извршил со голема ревност и со голем успех.

Во 1962 година, пак, заминал на Синај, населувајќи се во крајна пустина зад манастирот посветен на света Екатерина, во една пештера, каде што останал две години. За време на неговиот престој таму многу бил возљубен од бедуините, кои имале и материјална и духовна полза од неговото присуство. Старецот ги користел парите што ги добивал од продажбата на своите дрвени ракоделија за да им купува храна. Но, поради големите температурни разлики (ноќите се многу ладни, а преку ден температурите се многу високи), отец Паисиј добил вода во белите дробови и морал да замине оттаму.

    Така, во 1964 година се вратил на Света Гора и се населил во манастирот Иверон, а потоа во Катунакија, на најјужниот врв на Света Гора. Меѓутоа, поради својата влошена здравствена состојба, за кратко време ја напуштил пустината. Од Света Гора дошол во Солун, во црквата Света Софија, каде што се молел за време на Вечерната служба. Видел дека нема друго решение, дека мора да оди на лекар. Старешина на црквата тогаш бил архимандрит Поликарп, кој подоцна им бил духовник на сестрите во манастирот во Суроти. Архимандрит Поликарп подоцна раскажувал: „Служев Вечерна кога видов еден монах, згрчен во ќошот во молитва. Кога ја завршив Вечерната служба, му пријдов и му реков: ’Оче, благослови! Од каде си, со кое добро си дошол ваму?‘ А отец Паисиј ми одговори: ’Па, ете, треба некаде да одам на лекар‘“. Тогаш отец Поликарп го поканил кај себе дома и му кажал: „Сега ќе ти најдеме лекар и сѐ што е потребно“. Повеќето од девојките кои подоцна станале монахињи во манастирот во Суроти и кои тогаш се исповедале кај отец Поликарп и сѐ уште не биле замонашени, биле медицински сестри во една болница, така што со нивна помош отец Поликарп веднаш нашол лекар и го сместил отец Паисиј во болница.
Операцијата траела долго, околу девет часа, и едното белодробно крило целосно му било отстрането. Крвта требало целосно да му се промени, па требало да се најде неговата крвна група. Излегло дека тие сестри имале иста крвна група, па на отец Паисиј му ја дале својата крв. Затоа отец Паисиј подоцна им говорел: „А, не, ние сме крвни браќа!“ Старец Паисиј им бил длабоко благодарен до крајот на својот живот, па после неговото закрепнување правел сѐ што можел, и духовно и материјално, за да им помогне да го изградат манастирот кој тогаш сѐ уште бил во изградба. Така започнало долгогодишното пријателство со сестринството од манастирот посветен на свети Јован Богослов во Суроти.

Во 1968 година Старец Паисиј заминал во манастирот Ставроникита, каде што помагал во неговото материјално и духовно обновување. За време на неговиот престој таму се запознал со отец Тихон, кој живеел во ќелијата на Чесниот Крст при манастирот Ставроникита. Отец Тихон бил  подвижник и духовник, кој водел строг испоснички живот. Старец Паисиј често го посетувал заради духовни совети, но и му помагал на отец Тихон во служењето Божествена Литургија, сослужувајќи му како псалт. Службата многупати се прекинувала бидејќи отец Тихон често бил во истапување, кое понекогаш траело и до половина час.

    Кога животот на отец Тихон се приближил кон крајот, го замолил Старец Паисиј да остане крај него и да ја преземе грижата за него. Му служел со голема пожртвуваност. Отец Тихон често му говорел: „Паисиј, нашата љубов е скапоцена. Слатки мој Паисиј, чедо мое, нашата љубов ќе трае во вековите на вековите!“ По упокојувањето на отец Тихон, на негова молба, отец Паисиј останал во ќелијата на Чесниот Крст, сѐ до 1979 година.

    На 13 мај 1979 година отец Паисиј се вратил во манастирот Кутлумуш, во кој бил регистриран како монах. Се населил во неговата испосница „Панагуда“ („Рождество на Пресвета Богородица“) откако била претворена во ќелија. Тука често му се јавувале Господ Христос, Пресвета Богородица и разни светители. „Една година , на 26 март, кога се празнува Соборот на свети Архангел Гаврил, се молев стоејќи пред иконите на Господ и Мајката Божја. Во еден миг Ги видов Христос и Богородица како се движат, како да се живи. ’Христе мој‘, реков, ’благослови ме. Пресвета Богородице, благослови ме!‘ И како што паднав да се поклонам, силно благоухание ја исполни ќелијата. Се избезумив! Мирисаше дури и килимот кој беше послан на подот, а кој беше полн со земја. Останав на колена и го целивав килимот. Толку многу мирисаше!“
Имал огнена љубов кон Пресвета Богородица. Често говорел: „Покрај Неа се чувствувам како дете. Ја доживувам како своја Мајка“. Но и Пресветата не го оставала, туку се грижела за него и до најмалите ситници, како што кажува самиот Старец Паисиј. „Кога е потребно, Богородица веднаш излегува во пресрет на нашата молитва; а кога тоа и не е баш толку потребно, Таа нѐ остава за малку да зацврснеме. Кога бев во манастирот Филотеј , еднаш, веднаш по бдението за празникот на Мајката Божја, еден отец од Управата ме испрати да однесам некое писмо во манастирот Иверон. После тоа, требаше да слезам до манастирското пристаниште и таму да чекам некое старче кое требаше да пристигне со брод, за да го допратам до нашиот манастир; растојание – час и половина одење. А само што излегов од бдение, и тоа после пост. Тогаш Богородичниот пост го поделував на два дела: до Преображение не јадев ништо, на Преображение јадев, а после до Успение ништо не јадев.

Значи, отидов веднаш по бдението, а не се сетив ни да земам со себе малку двопек. Стигнав во Иверон и го предадов писмото; се спуштив до пристаништето за да го чекам бродот што требаше да пристигне во четири попладне, но доцнеше. Почна да ми се врти во главата. Малку понатаму, се наоѓаше едно купче дрва,к ако бандери, па помислата ми рече: ’Да седнам таму, малку подалеку, за никој да не ме забележи и да почне да се распрашува што се случило‘. Кога седнав, ми дојде помисла да свртам бројаница за Богородица да устрои нешто во сево ова. Но веднаш ѝ се спротивставив на помислата, кажувајќи: ’Беднику, зарем за такви безначајни работи ќе Ѝ досадуваш на Богородица?‘ Тогаш пред себе здогледав некаков Монах. Во рака држеше кружен леб, две смокви и еден грозд. ’Земи го ова‘, ми рече, ’во слава на нашата Владичица Богородица‘, и исчезна. Е, тогаш се стопив; почнав да плачам, не сакав ни да јадам... Ооо! Каква Мајка е тоа! Се грижи и за најмалите ситници!“


„Не грижи се, дете мое, чув што бараше“

    Додека живеел во Панагуда, Старецот многу им помагал на луѓето што страдаат. По цел ден, од зора до доцна навечер, на луѓето им давал совети, утеха и решение за нивните проблеми. Денот им го посветувал на луѓето, а ноќта на Бог. Успевал да се одмори само во раните утрински часови, по два-три часа, за да може да го преживее секојдневниот замор. Ноќе ги читал писмата што секојдневно му пристигале во огромен број. Многу се натажувал од содржината на писмата, како и од тоа што луѓето му го раскажувале. Луѓето речиси секогаш му зборувале за разводи, душевни болести и рак.

    „Оние што духовно сострадуваат со други луѓе и патат поради страдањата на своите ближни, Бог ним им дарува голема утеха, зашто во спротивно не би можеле да ја издржат целата таа болка. Знаете ли колку се исполнувам со горчина од толкуте писма што ги добивам од луѓе со толку многу проблеми? Од толку горчина се трујам, и после не сакам ништо да јадам. Но токму од таа болка произлегува вистинската радост. Бог наградува со утеха сразмерно на болката; теши со толкава утеха што не можеш да издржиш. Па наместо душата да те боли поради болката на другите и наместо да плачеш, после тоа чувствуваш некаков восхит. Како Добриот Бог да ти кажува: ’Не грижи се, дете мое, чув што бараше‘“.

    Меѓутоа, неговата целосна пожртвуваност со која им служел на Бог и на своите ближни, умствениот замор и болката на неговите посетители, неговата крајно чувствителна душа, строгиот подвижнички живот и физичката исцрпеност постепено придонеле Старецот да почне да чувствува физичка слабост и да стане лесно подложен на разни болести.

    Сериозните проблеми со здравјето започнале од 1966 година. Имал проблеми со респираторниот систем, што многу го ослабнало, и хернија како резултат на неговото физичко напрегање, но одбивал да биде опериран, обидувајќи се да пронајде свои начини за да ја ублажи болката, иако безуспешно. Страдал кога седел, а уште повеќе додека стоел. Пет години со огромна издржливост поднесувал страшни болки од хернијата, покажувајќи големо трпение. Кога група пријатели, кои биле лекари, го посетиле додека престојувал во Суроти, буквално го киднапирале и го одвеле во болница на операција.


Последните денови

Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Он ќе зборува за мир на Својот народ
и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему.
 Да, спасението од Него е блиску до оние што се бојат од Него,
за да ја насели славата Своја во нашата земја.
(Пс. 84, 8-9)

    Во 1993 година, за време на Великиот пост, бил многу слаб од строгото постење. Поради неподносливите болки и непрестајното крварење, навечер воопшто не можел да се одмори. Иако на посетителите им рекол дека е многу болен, многумина барале да го видат. Бил толку изнемоштен што често се онесвестувал. И покрај своето лошо здравје, прифатил да прима посетители и да ги теши во нивната болка.

    Тоа траело до октомври 1993 година. Постојано крварел, се онесвестувал и често повраќал. Покрај тоа, болката во утробата му го отежнувала седењето. Неговиот последен ден на Света Гора бил 22 октомври. Отишол во манастирот посветен на свети Јован Богослов во Суроти за да учествува на бдението во чест на свети Арсениј Кападокиски на 10 ноември. Имал намера во манастирот да се задржи неколку дена, како што и обично правел, но му било дијагностицирано присуство на тумор со големина на мал портокал во последниот дел од ректумот. Било одлучено да се примени терапија со зрачење за да се намали неговата големина, а потоа да се оперира. Снимките покажале дека ракот метастазирал на црниот дроб и на белите дробови. И покрај ова откритие, била неопходна операција за да се спречи целосна опструкција на цревата.

    Во болницата бил задржан десет дена, а потоа бил однесен во манастирот посветен на свети Јован Богослов во Суроти, за да закрепне. Во меѓувреме, лекарите го известиле дека му преостануваат помалку од четири месеци живот. Кога Старецот го слушнал тоа, насмевнувајќи се, рекол: „Морам ли да чекам толку долго? Нели може пред тоа?“ Страдал од продорна болка, која одвреме-навреме станувала неподнослива. Со беспрекорно трпение ја поднесувал страшната болка и се радувал, мислејќи, како што самиот зборувал, на мачењето на светите маченици, кои трпеле заради љубовта Христова, додека тој трпел само за да закрепне!

    Донел одлука да се врати на Света Гора, но, во меѓувреме, добил силна грозница со отежнато дишење и бил присилен да го одложи патувањето. Неговата здравствена состојба постепено се влошувала. Секој миг морал да користи маска за кислород за да си го олесни дишењето. Освен тоа, повремено качувал висока температура и добивал тахикардија, додека пак од абдоминалниот метеоризам не можел удобно да лежи во кревет.
    Кон крајот на јуни лекарите го известиле дека му преостануваат уште само две-три седмици. Во неделата на 11 јули, отец Паисиј, клечејќи пред својата постела, за последен пат се причестил. Последните дваесет и четири часа бил многу спокоен: иако многу страдал, воопшто не се жалел. Единствено што изговарал било: „Моја слатка, Пресвета Богородице!“

    Во вторник на 12 јули, Старец Паисиј Му ја предал својата душа на Бог, Кого длабоко Го љубел и Кому Му служел уште од своето рано детство. Бил погребан во манастирот на свети Јован Богослов во Суроти, близу Солун, по негова желба, зашто сакал да биде погребан на некое скромно место, без многу почести. Исто така, изразил желба неговите останки да не се ексхумираат пред Второто Христово доаѓање. Така, како некое пророштво, на него се исполниле неговите сопствени зборови:
    „Оние што од чиста љубов го жртвуваат и својот живот за да ги заштитат своите ближни, Го последуваат Христос. Таквите луѓе се најголемите јунаци. Од нив се плаши и пред нив трепери дури и самата смрт, зашто ја презираат смртта заради љубовта. Така се здобиваат со бесмртност, наоѓајќи клуч за вечноста под гробната плоча, и лесно влегуваат во вечното блаженство“.
   
По неговите свети молитви, Господи, помилуј нѐ...

5-ти фавруари 2016 г.

Извор: Премин

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3143
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7622
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од духовност

Православен календар

 

25/11/2024 - понеделник

Свети Јован Милостив; Светиот пророк Ахија; Преподобен Нил Синајски; Преподобен Нил Мироточив;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная