·
За да се бориме успешно со страстите, секој од нас треба да ја открие онаа страст, која најмногу му наштетува и против неа да ја насочи главно својата борба, да употреби голема грижа да ги следи сите нејзини пројави и да се труди да ги задуши, против неа да ги насочува копјата на секојдневниот пост, секој миг против неа да ги фрла стрелите на своите срдечни офкања и воздивнувања и постојано да пролева солзи во своите молитви кон Бога, да ја прекрати борбата што го истоштува.
Зашто никој не може да победи некоја од страстите, додека не се убеди дека не може да ја победи само со своите грижи и со својот труд, иако е, се разбира, неопходно потребно и дење и ноќе да се труди и да се грижи за тоа.
Свети Јован Касијан Римјанин
Избор од фб на Православен Источник
Оваа страст (на славата) не престанува да го гони дури и оној кој бегајќи од славата, се крие во пустината од секое општење со смртните луѓе; и колку подалеку бега од светот, таа се пожестоко го напаѓа. Оние што живеат во манастирите, демонот на оваа страст се обидува да ги напаѓа и да ги победи со тоа што еден ќе почне да се превознесува со тоа што е потрпелив во својот дух и во трудот; друг со тоа што е најпослушен од сите; трет што ги надминува сите со својата смиреност.
Еден бива искушуван со тоа што има најголеми знаења од сите затоа што чита повеќе од сите, а друг поради најдолгото бдеење. Оваа духовна болест се труди секого да го погоди и да му причини рана со неговите сопствени добродетели, од нив му поставува сопки за да го погуби со она што му ги дава плодовите на животот. Така. тие, на оние што сакаат да одат по патот на побожноста и совршенството, им поставуваат невидливи стапици, како што вели и светиот пророк Давид: "' Се обѕирав надесно и гледав, а таму, никој кој ме познаваше: немаше каде да избегам; никој не се грижеше за душата моја" (Псал. 141,4), така што, токму на тој пат по кој одиме, по патот на нашите добродетели, трудејќи се да ги добиеме возвишените почести од Бога, откако ќе се превознесеме со нашите успеси, се препнуваме и се замотуваме во мрежите на славољубието, паѓаме поради тоа што ни се врзани и рацете и нозете.
Па така, на таков начин сме победени од нападите на противникот, со нашата сопствена возвишена победа над него.
Свети Јован Касијан Римјанин
фб Православен источник