sv.Jovan.Ruski1

ПРОПОВЕД ВО СПОМЕН НА ДЕНОТ НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН ЈОВАН РУСКИ


Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух,
Читајќи го житието на Свети Јован Руски, чиј спомен се слави на 9 јуни, неволно се потсетуваш на старозаветната историја. Браќата на Јосиф, од завист и злоба, го продале на странски трговци. Тие, наоѓајќи се во Египет, го ставиле сиромашниот праведник на пазар и добиле добри пари за него како за роб. Меѓутоа, во туѓата земја, Јосиф не само што ја избегнал суровата смрт, но со Божја помош станал десна рака на самиот фараон. Ете така било и со светиот исповедник Јован. За неговата верност кон Бога и храброста во туѓата земја, Господ го наградил со почит од луѓето уште за време на неговиот живот и со вечна слава во Небесното Царство по неговата света смрт.
            Свети Јован е роден во Мала Русија. Роден е околу 1690-тите години од побожни родители и бил воспитан во љубов кон Бога. Откако пораснал, бил повикан на воена служба, која ја служел во војската на Петар Велики како обичен војник. Во тоа време се водела Руско-турската војна. За време на Прутскиот поход, тој бил заробен од Татарите. Го продале во ропство на командантот на турската коњаница, а тој го однел во неговата земја, во градот Прокопион.
            Турците, кои ги заробиле руските војници во ропство, се обиделе да ги обратат во ислам. Секако, оваа судбина не го заобиколила и Јован. Тие со разни исмејувања и мачења се обидувале да го принудат светителот да се откаже од Христос. Сепак, тој, трпејќи ги сите маки, непоколебливо ја бранел Православната вера. Тој рекол: „Роден сум христијанин. Во христијанството и ќе умрам”.
Тој бил испратен во шталата да се грижи и да ги чисти животните. Исто така таму живеел и св. Јован – притаен во аголот на шталата. И покрај суровоста на својот господар, св. Јован редовно се молел, бил кроток, смирен, безропотно и чесно ја вршел својата работа, помагал, како што можел, на оние кои биле во уште потешка ситуација. Покрај тоа, во тој град имало црква на великомаченикот Георгиј, каде што Свети Јован често се молел, исповедал и ги примал Светите Тајни.
Така постепено омекнало суровото срце на господарот на рускиот светител. И жената на господарот, исто така, ја видела чистата душа на младиот човек. Со текот на времето, светителот ја стекнал довербата и благонаклонетоста на целото семејство. Подоцна, дури му понудиле и слобода и сам да одлучи каде сака да живее. Сепак, рускиот исповедник одбил да ја напушти шталата, бидејќи таму можел мирно да се моли ноќе.
Свети Јован го почувствувал приближувањето на својата смрт. Тој го замолил православниот свештеник да дојде кај него, да прочита молитва на исход на душа од тело и да го причести. Свештеникот се плашел да оди со Светите Дарови во куќата на турчинот, но не го оставил св. Јован без последната причест. Свештеникот ги ставил бесценетите Дарови во јаболко и му ги предал на праведниот Јован. Така, откако се причестил, светителот мирно отишол кон Господа.

Сопственикот на куќата бил информиран за ова. И тој, и покрај своите претходни убедувања, ги замолил свештениците да дојдат кај него за да го погребат својот чесен роб според христијанскиот обред.
Множество православни луѓе, кои го познавале праведниот Јован се собрале на погребот. Тој им помагал на многумина, делел храна, се молел за оние, кои го навредувале. Луѓето го почитувале и го сакале поради неговиот свет живот. Домаќинот турчин го покрил телото на починатиот со скап килим. Го погребале светиот угодник во близина на црквата на великомаченикот Георгиј.
Три години подоцна, на овој свештеник во сон му било откриено дека Јован е прославен од Господ, и неговите свети мошти прават чуда. Телото било пронајдено. Светите мошти, откако биле пренесени во нов ковчег, ги положиле во самиот храм. Оттогаш и до ден денес, од моштите по благодатта и милоста Божја се извршуваат мноштво чуда.
Во денешно време, градот Прокопион се вика Ургуп, се наоѓа во Турција. Ова место богопоклониците сакаат да го посетат за да го видат домот и шталата, каде што живеел и се молел светителот. Тие се сочувани до ден-денес. Но, храмот на св. в-мач. Георгиј не бил сочуван. Во 1924 година, за време на размената на населението меѓу Турција и Грција, жителите на Прокопион ги однеле моштите на Свети Јован на островот Евбеја. Населбата во која се населиле ја нарекле Нов Прокопион. Моштите на рускиот светител неколку децении почивале во храмот на рамноапостолните Константин и Елена. Во 1951 година, бил изграден нов храм од камен во името на Свети Јован Руски, а неговите мошти биле таму пренесени.
Светителот Христов е исто така широко почитуван на Света Гора, особено во Рускиот Пантелејмонов манастир. Таму се наоѓа десната рака на светителот, донесена тука уште во 19 век.
Во Грција, Свети Јован Руски е многу сакан од народот. Грците го сметаат за свој особен покровител. Во денот на споменот на Божјиот угодник, кој таму се слави на 27 мај, огромен број поклоници се собираат во Новиот Прокопион. По молитвите кон светителот се случуваат мошне многу чуда, а Грците го нарекуваат „брзопослушник” . Секоја година, сè повеќе поклоници од Русија доаѓаат кај Свети Јован или испраќаат писма барајќи да се помолат на неговите мошти. Свети Јован Руски, кој ја прославил својата Татковина во туѓа земја станал добар молитвеник за сите православни луѓе, обединувајќи ги народите и нациите. Амин.

 

фбPravoslavna Obitel