Под слоганот "Растеме заедно" во вторник на 30 март, по петти пат ќе се оддржи најмасовната еколошка акција "Ден на дрвото - засади ја својата иднина!". Предвидено е во еден ден да се засадат 7,5 милиони дрвца низ територијата на цела држава.
Акцијата почна од вчера со симболично и пријателско засадување садници од страна на амбасадорите на странските земји во Македонија на месноста Три Круши кај Драчево, и со натпревар за брзо и вешто засадување садници под мотото Засади без границии во селото Мршевци.
- Од ова брдо ќе направиме убава шума, им порача главниот организатор на акцијата маестро Борис Трајанов на амбасадорите и рече дека годинашнава акција ќе има балкански карактер со што како што рече можеби ќе се оствари неговиот сон еден ден да се организира Балкански ден на дрвото. Маестро Трајанов потврди дека годинашната награда Витези на зелената иднинаа за странец и странска фирма во Македонија ќе ги добијат словенечкиот амбасадор Алан Бергант и Американската амбасада во Македонија.
Организаторите информираат дека по барање на граѓаните ќе се засадува на нови локации на попристапни и повидливи површини и оти акцијата ќе се интернационализира со пограничните региони. Во рамките на акцијата отворен е традиционалниот ликовен и литературен конкурс.
На изминатите четири акции беа засадени околу осум илјади хектари со 20 милиони садници. Првата акција беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиони дрва. На 28 октомври 2008 година беше организирана и втората со засадување шест милиони садници, на 14 март 2009 беа засадени уште пет милиони дрвца, а на 19. ноември минатата година беа засадени уште 7,5 милиони садници.
Заради поголема масовност во акцијата, Денот на дрвото е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија, кој ќе се одработи во сабота на 17. март .