Скопје, 30 март (МИА) - Под слоганот „Растеме заедно“ денеска на 100 локации низ Македонија ќе бидат засадени 7,5 милиони садници во рамки на петтата акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.
Здружението „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“ организира бесплатен превоз до локациите за граѓаните. Автобусите ќе ротираат на два часа. Првиот автобус поаѓа во 9 часот, а последно враќање од сите локаци е најавено за 16 часот.
Здружението ги повикува сите граѓани на Република Македонија масовно да учествуваат во акцијата и со засадување на што повеќе садници да придонесат за унапредување на животната средина. Тие препорачуваат граѓаните да не се задржуваат повеќе од два часа на локациите.
За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи денешниот ден за неработен, што ќе се одработи во сабота на 17 април.
Дрвца денеска ќе засадат и претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, членови на Владата, пратеници, припадници на АРМ, ученици,...
Акцијата симболино почна во петокот со садење садници од страна на амбасадорите на странските земји во Република Македонија на месноста Три Круши кај Драчево, и со натпревар за брзо и вешто засадување садници под мотото „Засади без граници“ во селото Мршевци.
Годинашнава акција, како што најави нејзиниот иницијатор маестро Борис Трајанов, ќе има балкански карактер.
Тој информира дека постои огромна желба и во соседството да се спроведе слична акција. - Ќе садиме заедно со Бугарите, Грците, Албанците, Србите, рече Трајанов.
Во досегашните четири акции беа засадени околу осум илјади хектари со 20 милиони садници.
Првата акција беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиона дрва. На 28 октомври 2008 година беше организирана и втората со засадување шест милиони садници, на 14 март 2009 беа засадени уште пет милиони дрвца, а на 19 ноември минатата година беа засадени уште 7,5 милиони садници.сс/са/8:33