На програмата на Скопско лето вечерва има три случувања и тоа: филм, поезија и изложба.
Во Киното Јакобс (кај Забавниот парк Луна) вечерва (21 ч.) се прикажува историската драма Елизабета: Златната епохаа, во режија на Шепар Капур. Во случај на дожд, филмот проекција ќе има на 20 јули, со почеток во 21 часот. Во главните улоги настапуваат Кејт Бланшет, Клајв Овен, Џефри Раш, Саманта Мортон. Филмот доби повеќе награди, меѓу кои и Оскар за костими и номинација за главна женска улога, номинација за Златен глобус, 4 номинации за БАФТА.
На Летната сцена на МНТ, вечерва (20,30 ч.) ќе се случува Литературно-драмска вечер со академик Сретен Перовиќ од Црна Гора. Во случај на дожд, настанот ќе се премести во салонот на МНТ. Академик Перовиќ е поет, критичар, литературен историчар, театролог, драмски автор, преведувач, антологичар, публицист и енциклопедист, научен советник. Неговата поезија е преведена на 30 јазици и се наоѓа во многу домашни и странски антологии.
Третиот настан на Скопско лето, кој ќе се случи вечерва (21,30 ч.) во "Мала станица" е изложбата Отисок" на Ведран Бојановски. Тој во оваа изложба истражува во неколку медиуми: скулптура, музика и видео. Со овој проект се обидува да даде миг од сопствениот живот. Бојановски досега реализирал повеќе самостојни и групни изложби. Последната му беше неодамна во културниот центар "Точка".
(А.Ј.)