НОВ КОНЦЕПТ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ
Свеченото отворање на фестивалот "Браќа Манаки" ќе се случи во Битола, а речиси сите други поважни настани ќе бидат во Скопје.
Доделувањето на наградите и прес-конференциите ќе се случуваат во Скопје, па дури и членовите на жирито ќе ги гледаат филмовите во Дом на АРМ, каде ќе се репризира главната програма, еден ден по проекциите во Битола. Програмата "Балканика" ќе може да ја гледаме во скопски "Милениум".
Ова е дел од новиот концепт на 29. "Браќа Манаки", што беше најавен на вчерашната средба со новинарите.
Инаку, главната програма, во избор на Благоја Куновски повторно нуди извонреден пресек на светската кинематографија. Фестивалот ќе се отвори со "Другата Болејн сестра" од режисерот Џастин Чедвик и кинематограферот Киеран МекГуган, а со Натали Портман, Скарлет Јохансон и Ерик Бана во главните улоги. На затворањето ќе се прикаже "Светни светлина", музичкиот документарец за Ролингстонси, во режија на Мартин Скорсезе.
Добитник на Наградата за животно дело "Златна Камера 300" за исклучителен придонес во светската кинематографија, годинава е водечкиот бразилски и светски кинематографер, Валтер Карваљо.
Меѓу филмовите во главната програма се и извонредниот Три мајмуни" од Нури Билге Чејлан, "Внимание, страст" од Анг Ли, "Тишината на Лорна" од Жан Пјер и Лук Дарден...
(Де.Т.)