Фестивалот не се затвора во некој поединечен стил, а со идеја сме и понатаму да носиме имиња кои досега не гостувале кај нас, вели директорот на СЏФ, Оливер Белопета
Скопје џез-фестивал ќе започне в петок, по 27 пат, со концертот на Раби Абу Калил придружуван од Македонска филхармонија. Повторно ексклузивното издание на фестивалот ќе трае пет дена, а ќе се одржи на три различни локации: Универзална сала, Македонска опера и балет и клубот "Хард рок".
Директорот на СЏФ, Оливер Белопета, на вчерашната прес-конференција ја најави богатата програма, со повеќе од 15 звучни џез имиња, потенцирајќи ја и сериозната полноќна програма. "Фестивалот не се затвора во некој поединечен стил, а со идеја сме и понатаму да носиме имиња кои досега не гостувале кај нас", рече Белопета, најавувајќи го и разновидниот избор на музички стилови.
Како што веќе објавивме, покрај маестрото на источната музика, Раби Абу-Калил, меѓу звучните имиња е бразилската музичката икона Маркос Вале. Повод за неговото гостување е и 50-годишнината од снимањето на првата песна која го означи почетокот на боса-нова периодот. Од Бразил доаѓаат и Марсио Фарако со Трио Есперанца, а ќе ги видиме и добро познатите гости во Македонија, Холанѓаните "Зуко 103".
На СЏФ ќе настапи и Рон Картер, човекот што свиреше во квинетот на Мајлс Дејвис. Тој, со својот квартет, во Скопје ќе го свири "Драг Мајлс", извонреден трибјут на еден од најголемите џезери.
Уште едно познато име е Ману Каче, францускиот претставник, кој е познат по настапите, пред се со Стинг, па со Питер Габриел, Ману Чао... Веќе втора година по ред, на СЏФ е предвидена и Норвешка џез вечер. Од Америка ќе пристигне Џејсон Моран, инвентивниот пијанист кој настапува со имиња како Касандра Вилсон, Стив Колеман... Тој, како еден од најголемите модерни џез артисти, е најавуван како "трагач по новите правци во џезот".
Затворањето ќе се случи во "Хард Рок", и тоа со Џастин Адамс и Џулден Камара, трио од Англија и Гамбија, чиј заеднички албум "Наука за душата" доби номинација за Би-Би-Си светската награда.
(Де.Т.)