Националната галерија на Македонија, вечерва (20 ч.), во Даут пашиниот амам, со пригодна програма ќе го одбележи својот јубилеј, 60 години постоење. Во националната поставка на овој објект ќе бидат изложени околу 200 дела, кои претставуваат само дел од вкупниот фонд од преку 2.000 експонати на галеријата.
Изложбата ќе биде збогатена и со петнаесетина дела што годинава за јубилејот на НГМ ги подарија неколку уметници. Меѓу нив е и портрет-скулптура на Лазар Личеноски изработена од скулпторот Боро Митриќески, а ќе биде промовирано и луксузното издание на монографијата, во која освен пишан збор за историјатот на галеријата, ќе се најдат и 100 фотографии од познатиот фотограф Роберт Јанкуловски.
Во текот на месецов Галеријата ќе го одбележи јубилејот со уште две изложби во другите два нејзини галериски објекта - Чифте амам и Мала станица.
Националната галерија на Македонија одбележува 60 години постоење
Скопје, 9 декември (МИА) - Националната галерија на Македонија (НГМ) овој месец одбележува 60 години постоење. Централната свеченост за јубилејот е утревечер во Даут-пашиниот амам каде што ќе биде претставен избор од околу 200 дела, кои се дел од над 2.000 творби од националната поставка на Галеријата.
Ќе бидат претставени дела претежно од 20 век, a првпат пред јавноста ќе бидат изложени и дела на реномирани македонски уметници - Василие Поповиќ-Цицо, Димче Протуѓер, Катја Ефтимова, Пецо Видимче, Никола Мартиновски, Михајло Шојлев, Лена Стефановска, Петар Мазев, Љубомир Белогаски... Изложбата ќе биде збогатена и со петнаесетина дела што годинава за јубилејот на НГМ ги подарија неколку уметници. Меѓу нив е и портрет-скулптура на Лазар Личеноски изработена од скулпторот Боро Митриќески.
Во текот на месецов Галеријата ќе го одбележи шестдеценискиот јубилеј со уште две изложби во другите два нејзини галериски објекта - Чифте амам и Мала станица. Даут-пашин амам е избран за централното одбележување зашто таму се наоѓаат депоата на НГМ и токму таму во 1948 година почнува историјата на националната ликовна институција.
Основоположниците на современата македонска ликовна уметност Лазар Личеноски, Никола Мартиновски и други тогашни членови на ДЛУМ пред 60 години ја формирале Уметничката галерија и нејзин прв раководител бил академскиот сликар Борко Лазески. Галеријата го собирала и евидентирала културното наследство и ја организирала неговата презентација. Тогаш се создала вредна збирка со дела од првата генерација современи ликовни уметници, се откупувале дела од македонски автори, но и од уметници од поранешна СФРЈ. Дел од импозантниот број дела со кои располага денеска, НГМ ги добила и на подарок од уметниците.
Во изминатите години НГМ го претставува творештвото на македонските автори, но и на уметници од светот, организира национални презентации и ретроспективни изложби, соработува со уметнички галерии во повеќе европски центри. Гостува на меѓународни манифестации, а најсвежо претставување е минатиот месец на Деновите на македонската култура во Соединетите Американски Држави. Националната галерија на Македонија наскоро ќе ја отвори и спомен-куќата на Лазар Личеноски, нејзин нов галериски простор лоциран под Скопското кале. хс/паг/10:06