Скопје, 10 декември (МИА) - Издавачката куќа „Ѓурѓа“ утревечер во 20 часот во културниот центар „Мала станица“ во Скопје, ќе ја промовира книгата „Добро утро, кафе! Жена со такви колкови треба да раѓа синови!“ од Катица Димовска.
„Добро утро, кафе!“ е првата книга на allishalf.blog.com.mk (Катица Димовска), студент по ахитектура, раскажувач, блогер, која живее и работи во Прилеп. Нејзината дебитантска збирка раскази и поезија е производ добиен со селекција на нејзини текстови постирани на блогот http://allishalf.blog.com.mk/ и http://alleist.blogspot.com во периодот од мај 2006 до ноември 2008 година.
За книгата и за 28 - годишната авторка, на промоцијата ќе зборува еден од најактивните блогери на македонската блог-сцена РИБАРО - Јане Ѓорѓиоски.
- Живееме во потрошувачки свет кој нè прави осамени, себични, нечувствителни, заинтересирани единствено за успехот (свој!) и за материјалните работи. Човек паѓа во искушение да каже: „Можеби е себично, но не ми е грижа за остатокот од светот. Не сакам да знам за убиените не знам колку цивили, за новата војна не знам каде, за новите достигнувања во не знам која област, за тоа како ќе ја спасиме или ќе ја уништиме планетава. Не сакам, а и не можам никако да влијаам врз нив. Ништо од тоа не ме интересира. Најнакрај, тоа во најголем процент зависи од маркетингот. Вистината многу лесно може да биде извиличена...“ Без скрупули, со точна прогноза и со презицно перо, Катица Димовска врши обдукција на добрината во човекот и на човечноста во светот. Резултатот од обдукцијата се крие меѓу кориците на оваа книга.
Со овој наслов „Ѓурѓа“ ја продолжува кампањата за потрага по македонски таленти коишто своите први претставувања ги прават на блог-сцената.гв/са/10:59